Филипче: Дневно ќе вакцинираме по 10.000 граѓани

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на пунктовите за вакцинација што треба да профункционираат во уште шест градови од вторник, следната недела, дневно ќе се вакцинираат и над 10.000 граѓани и, вели, нема воопшто да има гужви.

Досега се вакцинирани вкупно 60 000 граѓани.

Одговарајќи на новинарско прашање за вчерашните реакции од граѓани дека чекале за вакцинација на пунктовите во Скопје, Филипче рече дека во случајов станувало збор за недоразбирање во термините, како и дека тоа е решено и нема да се случува во иднина.

„Во однос на чекањето и гужвите мислам дека има сосема доволен предвиден простор да не се прават и да се чека на одредено растојание. Се ќе се смени со пуштањето на пунктовите за масовна вакцинација, спортските сали, кои ќе профункционират од вторник. Веќе во понеделник насекаде ќе бидат дистрибуирани кинеските вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани, и во Тетово, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола и Охрид ќе започне вакцинирањето. Системот ќе овозможи и над 10.000 граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никави гужви“, изјави Филипче.

Министерот за здравство информираше дека досега се вакцинирани околу 60.000 граѓани, а во таа бројка се и постарите лица над 70 години и вработените во критичната инфраструктура.

„Според нашите пресметки околу 18 проценти од вакцинираните се лица над 70 години од вкупната бројка на граѓани над 70 години во земјава“, истакна Филипче.