„Инфраструктурата и тимовите во одделенијата на Интерните клиники се целосно подготвени за прием на пациенти, вклучително и третиот кат од зградата кој е снабден дел со кислород, дел со концентратори“, соопшти министерот за здравство Венко
Филипче кој утрово имал координативен состанок на кој биле анализирани бројот на пациенти и како се овивал приемот вчера.
Нагласи дека лекарите од сите интерни клиники се целосно мобилизирани и посветени на работата со пациенти со КОВИД-19–еден дел вршат вообичаена работа за нивните интернистички одделенија, а други се приклучени за работа и третман на КОВИД-пациенти на нивните одделенија.
Организацијата на персоналот, рече, се прави со нивни интерни договори за работата.
Во однос на третманот на пациентите во „8 Септември“, одговорно тврди дека за тие што се на респираторна машина секогаш се присутни или се консултираат анестезиолози кои се експерти што може да постават пациент на машина и да ги регулираат параметрите и дека и пред КОВИД имале такви искуства.
Но сега притисокот е поголем за таква интервенција зашто оваа болест, рече Филипче, во најтешка форма ги засега белите дробови и е потребна механичка поддршка.
И во оваа болница, додаде министерот, сите лекари се мобилизирани, но за други дејности и за да не се создаваат листи на чекање, специјалистите (хирурзи, ортопеди, невролози) работат во своите области и затоа не се, како што рече, буквално сите ангажирани за третман на КОВИД-пациенти.
Министерот соопшти дека до крајот на годинава очекува да бидат поставени две до три монтажни болници, но поради блокадата од опозицијата, како што рече, можно е тие да не стигнат според првичниот план–да се постават 16 ковид-центри во близина на болниците.
„Но ние направивме резервен план и токму тој сега и се активира. Тоа се овие дополнителни капацитети на Интерните клиники и целосно спремните дополнителни капацитети во болницата „8 Сеептември“. Имаме план, се менаџира и со кадарот, и со останатите одделенија од каде што еден дел од програмот се намалува. Тоа е веќе во функција, а искрено се надевам дека и мерките ќе дадат резултат, согласно циклусот од три до четири недели од пренос на вирусот, детекција, евентуален развој на
болеста кај носителите на вирусот. Овој период што доаѓа од некаде две недели, сепак, би тебало да даде некаков резултат во смисла на намалување на новодијагностицирани пациенти“, изјави Филипче по промовирањето на проширените капацитети за хоспитализација на Клиниката за хематологија.






