Филипче: „Ковид пасоши ќе се издаваат од следната недела“

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави.

„Од следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцина, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, за да може патникот да ги има со себе ако патува во која било европска земја“, изјави Филипче.

Како што објавија француските медиуми повикувајќи се на европски извори, претставници на 27-те земји членки на Европската унија денеска се согласиле да дозволат влез во Унијата за патници од трети земји кои ги примиле потребните дози на антивирусните вакцини одобрени во ЕУ.