Филипче: Целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19

„Во последните неколку недели имаме буквално експлозија на вирусот, како кај нас, така и во регионот и во цела Европа. Имајќи го предвид брзото пополнување на болничките капацитети го активиравме нашиот план за обезбедување дополнителни капацитети и сега целата зграда за Интерни клиники ќе биде наменета за третман на пациенти со Ковид-19“, рече денеска на Актупрес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека во овој момент целосно се исполнети капацитетите на Инфективната клиника, модуларната болница, а исто така сега е во функција ставена институцијата Центарот за белодробни болести каде се уште има капацитети и каде може да се сместат пациенти.

„Гледајќи го напливот и притисокот се активираше планот за Интерните клиники од приземните спратови каде се клиниките за дерматологија и неврологија, понатаму горните спратови каде што се клиниките за гастроетерохепатологија, ревматологија и нефрологија. Тука го имаме предвид и делот за дијализа, како и клиниките за оториноларингологија и очни болести“, истакна Филипче.

Во овој момент и во следниот период кога ќе почне пополнувањето на овие кревети, потенцира, нема да се наруши нормалното фунционирање на сите овие клиники односно системот „МојТермин“ продолжува да функционира, како и сместувањето пациенти во другите делови на оваа зграда на Интерните клиники.

„Лекарите и медицинските сестри се подготвени. Дополнителниот број кревети кој може да биде на располагање и ќе биде од утре е околу 150 и дополнителни стотина на клиниките за оториноларингологија и очни
болести“, додаде Филипче.