„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија

Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Рејтингот е поддржан од доброто владеење, позитивната бизнис клима, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс.

Агенцијата предвидува годинава да се постигне економски раст од 3,9 проценти, и 4,3 проценти во 2022 година, при што истиот главно ќе зависи од пандемијата во Македонија и главните извозни пазари.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Оценките на кредитните агенции влијаат на одлуката на инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот.

Агенцијата во својот извештај нотира и дека конкурентните трошоци за работна сила и покрај зголемувањето на платите, како и добрите владини политики насочени кон привлекување на странките директни инвестиции и прогресот на преговорите за членство во ЕУ, исто може да придонесе за подобрување на изгледите за привлекување странски директни инвестиции, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија исто така влијае и на намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите.

Годинава како резултат на добрите економски политики, но и на потврдата на кредитниот рејтинг од страна на кредитните агенции беше причина за издавање еврообврзница по историски најниска каматна стапка.

Негативниот изглед во потврдениот кредитен рејтинг е одраз на надолните ризици на јавните финансии и економскиот раст на краток рок пред се поради пандемијата предизвикана од корона вирусот.