Флорида се подготвува за ураганот Елса

Потенцијално смртоносна тропска бура и силни ветришта се доближуваат до брегот на Флорида веќе со брзина и до 100 километри на час. Бурата се очекува да се засили денеска во вечерните часови.

Невремето е дел од тропскиот ураган Елса што утринава се насочи кон архипелагот Флорида Кис, и деновиве се очекува да удри врз западното крајбрежје на Флорида, јави Националниот центар за урагани со седиште во Мајами. Оттаму соопштија дека покрај можни штети од ветровите и обилните дождови, полуостровот е исто така во опасност од поплави и изолирани торнада.

Спасувачките тимови кои работат на урнатината на станбената зграда во Сурфсајд, Флорида, каде 117 луѓе се уште се водат за исчезнати, внимателно го следат ураганот. Неговото приближување вчера предизвика да се изврши контролирано демолирање на дел од зградата што остана неурнат, а претставуваше опасност за спасувачите Ураганот ја погоди Куба во понеделникот попладне во близина на Сиенега де Запата, малку населен национален парк, потоа се упати кон северозападниот дел на островот, поминувајќи ја Хавана на исток. Врнежи од 14 до 28 сантиметри со изолирани максимални количини до 42 см. се очекуваат денеска во делови на Куба, што може да резултира во значителни поплави и лизгање на земјиштето.

Засега, нема извештаи за сериозни штети во Куба.

Елса е првиот ураган во оваа сезона на Атлантикот и предизвика голема штета на неколку источни карипски острови. Како тропска бура, резултираше со смрт на едно лице на Света Луција како и на 15-годишно момче и 75-годишна жена во одделни делови на Доминиканската Република.