Формула 1: Ферстапен тргнува прв во Бразил, го следат Фетел и Хамилтон

Возачот на „Ред Бул“ Макс Ферстапен ќе стартува од првата позиција во трката во Формула 1 за Големата награда на Бразил, откако вечерва беше најбрз во квалификациите.

Ферстапен до втората пол позиција во кариерата дојде со резултат 1:07,508 секунди.

„Болидот беше навистина добар. Температурата на патеката се менуваше и моравме да се прилагодиме на тоа, но од првиот дел на квалификациите болидот едноставно леташе и беше вистинско уживање да го управуваш. Навистина сум многу задоволен од оваа пол позиција. Се разбира, утре ќе се обидам до крај да ја завршам работата“, рече Ферстапен после квалификациите.

Втор беше Себастијан Фетел од „Ферари“ со 0,123 секунди заостанување, а од третата позиција ќе тргне актуелниот шампион, возачот на „Мерцедес“, Луис Хамилтон, кој заостана 0,191 секунди.

Четвртото место го зазеде Шарл Леклер, но тој ќе стартува од 14 позиција заради казната која ја доби поради замена на моторот. Петто најбрзо време имаше Валтери Ботас од „Мерцедес“, а после него следат Александар Албон од „Ред Бул“, Пјер Гасли од екипата на „Торо Росо“, Роман Грожан од „Хас“, возачот на „Алфа Ромео“, Кими Раиконен, и Кевин Магнусон од „Хас“.

Претпоследната трка во шампионатот на Формула 1 се вози утре од 18.10 часот на патеката Интерлагос во Сао Паоло.

(Фото: АП)