Повеќе од 3.000 француски полицајци и припадници на жандармеријата од вчера напладне почнаа потрага по одметнатиот затвореник Редоан Фајд (46), кој дента со хелихоптер побегна од затвор во близина на Париз.
Нешто по 11 часот, тројца мажи во црно, вооружени со автоматски пушки, за кои француските власти наведуваат дека се командоси, се појавиле пред затворот во местото Рео, каде Фајд издржувал 25-годишна казна поради убиство на млада полицајка во текот на вооружен грабеж во 2010 година, пренесуваат француските медиуми. Тројцата излегле од хелихоптер кој слетал во необезбедениот затворски двор.
Вадиле Фајд од просторијата за состаноци, каде што тој тогаш разговарал со брат му, и го одвеле до хелихоптерот, наведува „Фигаро“, истакнувајќи дека бегството траело десетина минути.
Шеесетина километри понатаму, меѓу аеродромот Роаси и Бурже, бегалецот излегол од хелихоптерот и влегол во црн „меган“, упатувајќи се во правец на автопатот, а потоа преминал во бел камионет, од каде му се губи секаква трага.
Инаку, соучесниците на бегалецот утрината го земале пилотот на хелихоптерот, инструктор по летање, за заложник.
https://twitter.com/WolffJona/status/1013414280216137729
Француската министерка за правда, Никол Белубе изјави дека командосите кои го овозможиле бегството при подготовка на операцијата најверојатно користеле дрон.
Во бегството на осуденикот Фајд никој не е повреден и нема заложници, соопштуваат од француското Министерство за правда.
Снимка од ова „филмско“ бегство набрзо се појави на социјалните мрежи.
Ова не е прв пат Фајд да побегне на „спектакуларен“ начин. Во 2013 година тој со помош на експлозија побегна од затворот, а уапсен е шест недели подоцна во хотел во Франција.







