ФУДБАЛСКА „ДЕТОНАЦИЈА“: Карло Анчелоти го напушта Реал и станува селектор на Бразил

LinkSense.mk

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, наскоро би можел да го напушти кормилото на Кралскиот клуб и да ја преземе фудбалска репрезентација на Бразил, пренесуваат шпанските медиуми.

Оваа фудбалска велесила моментално е без селектор, откако Тите во декември минатата година поднесе оставка по елиминацијата на „кариоките“ од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил, Едналдо Родригез, во наредните денови ќе пристигне во Мадрид, со цел да се обиде да го убеди легендарниот италијански стручњак да ги преземе „кариоките“.

Родригез прво ќе разговара со претседателот на Реал, Флорентино Перез, а потоа и со Анчелоти.

„Мундо Депортиво“ наведува дека Родригез е подготвен да му понуди на Анчелоти годишна плата до 10 милиони евра, додека италијанскиот стручњак заработува еден милион помалку по сезона во Реал.

Шпанските медиуми тврдат дека Родригез има и план „Б“, па ќе се обиде да ги ангажира Жозе Мурињо или Хорхе Жесус, доколку пропаднат преговорите со италијанскиот стручњак.

Анчелоти во својата кариера ги водеше Реџана, Парма, Јувентус, Милан, Челзи, ПСЖ, Баерн, Наполи, Евертон и Реал, а од 1992 до 1995 година беше помошник тренер во италијанската репрезентација.

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: „ФанСидед.ком“)