Хакерски напад на најголемата фабрика за месо во светот

На најголемата светска компанија за преработка на месо, „ЈБС“, изведен е сајбер напад кој го оневозможи производството на месо во Америка, Канада и Австралија и многу работници ги примора да останат дома.

„Нападот се случи во неделата и беше насочен кон серверите на компанијата во Северна Америка и Австралија“, се наведува во соопштението на американскиот огранок на „ЈБС“.

Од компанијата појаснија дека нејзините резервни сервери не се погодени, а експертите се обиделе да го повратат системот во функција што е можно поскоро. Нема докази дека податоците за купувачите, доставувачите или вработените се загрозени.

Австралиската телевизија Еј-Би-Си извести дека во државата Квинсленд се откажани бројни испораки на добиток. Според извори на телевизијата, месарниците ќе бидат затворени на одредено време.

Ендру Фоден, шеф на австралискиот Синдикат на вработени во месната индустрија во Тасманија рече дека хакирањето испрати илјадници работници ширум земјата дома.

„ЈСБ“ има 4 објекти и вработува околу 11.000 луѓе во Австралија, наведува АП.

Извршниот директор на компанијата за производство на месо и месни производи, Брент Иствуд, во неделата, во изјава за „Биф централ“ истакна дека не може да каже колку ќе трае прекинот на работењето на компанијата.

Сојузниот министер за земјоделство, Дејвид Литлпрауд, пак, вели дека владата блиску соработувала со челниците на „ЈБС“ и дека е прерано да се каже дали компанијата е погодена со „ренсомвер напад“.

Ренсомвер е вид на штетен софтвер кој е осмислен да го блокира пристапот кон компјутерскиот систем. Хакерите тогаш бараат откуп, обично во криптовалути, во замена за овозможување на на повторен пристап.

„Штета е направена и на ограноците на фирмата во Америка и Канада“, пренесе РТ.

Да потсетиме, на почетокот на мај изведен беше сајбер напад на најголемата американска компанија за пренос на преработена нафта „Колонијал пајплан“ што предизвика големи проблеми ширум Америка.