ХОТАМ: Овој период нема интерес за хотелско сместување

Воопшто нема интерес за хотелско сместување овој период. Хотелиерите исплаќаат плати, а вработените не одат на работа. Нема ниту некој предвидувања за претстојната туристичка сезона, посочи првиот човек на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија, Крсте Блажески.

После едногодишното искуство, додаде тој, и појавувањето на различни соеви на коронавирусот не знаат што ќе се случува во иднина, дали ќе може да се патува во друга држава и дали ќе има туристи однадвор.

– Не очекуваме претстојната туристичка сезона да биде сјајна. Се надеваме дека ќе е подобра од лани, но ништо неможе да се предвиди. Многу работи се променија последниот мсец. Наместо отварње на државите за слободно патување, имавме комплетно затварање на некои европски држави. Верувам во јули и во август ќе имаме домашни гости, вели Блажески.

Хотелите, посочи тој, работат согласно протоколите за заштита од Ковид 19 и работно време на рестораните до 21 часот, но со големи загуби.

– Во овој период нема воопшто интерес за хотелско сместување. Ретко се случува некој што патува на поминување да преспие, истакна Блажески.

Смета дека мерките од петтиот владин пакет требало да се донесат уште пред две недели, кога се исплаќале платите за вработените, кои како што нагласи, не одат на работа поради немањето ангажман.

Хотелите на охридско-струшката ривиера изминатата 2020 година претрпеа огромни загуби, односно годината ја завршиле со 60 до 80 отсто заработка помалку од претходната. Единствен спас за претстојната сезона, хотелиерите гледаа во вакцинацијата и угостителите да се стават на листата на приоритетни, за да им се прикаже на гостите дека доаѓаат во заштитена зона, но одговорот што го добиле од властите бил негативен.