Хрватска е на нозе: Се слави во градовите

LinkSense.mk

Драма во Москва, драма на улиците во хрватските градови и на крајот вистинска еуфорија. Хрватска е во финалето на Светското првенство. Оној момент кога турскиот судија свирна крај, над Загреб имаше голем огномет. Се славеше тоа што „коцкестите“ станаа финалисти. Цела држава е во невиден транс и за многумина денешниот ден ќе биде неработен.

Најголемиот успех на хрватскиот фудбал е прославен на загрбскиот плоштад каде што се собраа илјадници навивачи. Головите на Хрватска се дочекани си извици и навивање какво што ретко се слуша во главниот град, сообраќајот беше запрен. Исто беше и во Сплит, Риека, Осјек, Дубровник… Се славеше и во малите места.

На големото полуфинале претходеле бројни подготовки во кои беа вклучени и хрватските политичари. Во средата Хрватска беше без политичкото раководство, без политичкиот врв, затоа што претседателката Колинда Грабар Китаровиќ беше на самитот на НАТО во Брисел, а премиерот и шефот на парламентот Андреј Пленковиќ и Гордан Јандроковиќ на натпреварот во Москва.

На свечената вечера во Брисел претседателката Грабар Китаровиќ се појави во црвен костим со шал со коцки и во друштво на американскиот претседател Доналд Трамп го крена палецот за победа на Хрватска.

Во исто време, премиерот Пленковиќ седеше во свечената ложа, а во Москва допатува со комерцијален лет, заедно со Јандроковиќ.

Хрватските навивачи кои допатуваа во руската престолнина, повеќе од 10.000, не жалеа што за еден ден фудбалско уживање дале и 2.000 евра за авионски превоз и карта. Загребскиот аеродром пред натпреварот беше речиси блокиран од навалата на патници кои сакаа во последен час да влезат во авион.

Сега веќе се подготвува и дочек за хрватските фудбалери без оглед на тоа дали ќе бидат златни или сребрени, а Загреб подготвува спектакл каков што, според многумина, досега не бил виден.

Ништо не е невозможно“, извикуваа насобраните на Плоштадот Бан Јелачиќ, среќни што Хрватска е на светскиот врв во фудбал.

Ова е чудо, ова што нашите фудбалери го прават во Русија не може да се опише“, извикуваше во транс водителот на Хрватската телевизија.

Ги прегазивме Англичаните, цела Хрватска е среќна и задоволна“, ја коментираше победата Роберт Просинечки.

Хрватските фудбалери веќе и пред финалната средба се прогласени за јунаци, а недела е нов ден за возбудувања.