Хрватска отвара разговори со Меркел за доаѓање на „Фолксваген“

Хрватскиот министер за економија Дарко Хорват денеска на конференцијата „Индустрија 4.0 – прилика или предизвик“ во Вараждин, најави отварање на разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел за доаѓање на „Фолксваген“ во Хрватска, информира „Пословни дневник“.

Иако пред три недели шефот за производство во „Фолксваген“ Андреас Тостман изјави за Ројтерс дека не бараат алтернативна локација за турскиот Измир за изградба на своја нова фабрика чија вредност би била милијарда и пол евра, Хорват тврди дека владата подготвила примамлива понуда за германскиот инвеститор и дека е одлучна во тоа таа инвестиција да се реализира во Хрватска, наведува весникот.

Според неговите зборови, владата добила и ги одработила сите барања на менаџментот на „Фолксваген“ и пронашла три потенцијални локации за фабрика.

Хорват додаде дека утврдените три локации – Вараждин, Ивањиќ град и Дуго Село, располагаат со „подготвени еден милион квадрати земја и со сите други услови“ и дека биле барани „40 параметри“ за да се оствари инвестицијата.