Царовска: Врз основа на меѓународни искуства ќе создадеме наш модел на образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска одржа онлајн-состанок со претставници од министерствата за образование на Естонија и Грузија, претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани, и со претставници на овааорганизација од регионални канцеларии.

Како што соопшти МОН, на состанокот беа споделени гриузиските и естонските искуства за реформските процеси во основното образование и моделот на користење на наставните материјали.

„Министерката на состанокот истакна дека врз основа на меѓународните искуства ќе искреираме наш нов македонски образовен систем на основно образование, кој ќе дава резултати и на домашните и на меѓународните тестирања. Но, клучно, ќе ги научи децата критички да размислуваат и да донесуваат одлуки. Образовниот систем ќе се подобрува врз основа на факти и аргументи што ќе се добијат од Националното тестирање во 2021 година, резултатите од матурата, оценките на крајот од годината и забелешките на учениците, родителите и наставниците“, наведува Министерство за образование и наука.

Работната група која ја прави новата концепција за основно образование испратила прашалник со истражување до сите наставници за да се утврдат нивните ставови и што е тоа што недостига на образованието.

Прашалникот ќе им биде доставен и на родителите и учениците.