Цвета бизнисот со руска нафта

LinkSense.mk

Следејќи ги стапките на минатото искуство, трговијата со нафта и нафтени деривати кои пристигнуваат од Русија почнува да наликува на комплицирана шема за перење пари; важно е да се исчистат трагите и да се смири совеста на потрошувачите додека од топлите домови ги гледаат ужасите на војната во Украин.

Сигурно веќе сте слушнале за терминот Брент? Станува збор за мешавина на сурова нафта која почна да се црпи од Северното Море (на локација североисточно од Шетландските острови) пред речиси половина век и вообичаено се користи како глобален показател за движењата на цената на црното злато.

Историјата на Брент е невозможно да се сумира во неколку реда текст, но за оваа приказна единствен важен податок е дека една деценија по почетокот на комерцијалната експлоатација во Лондон, започна трговијата со термински договори, што го претвори Брент во глобален бенчмарк.

Слична приказна има и ВТИ (WTI – West Texas Intermediate) од другата страна на Атлантикот; разликата е само во фактот што трговијата со нафтата за која станува збор и нејзините деривати започна малку порано, во Чикаго (град кој е познат како клучен центар на глобалната трговија со стоки и суровини).

Брент и ВТИ – столб на глобалната трговија со нафта

Доколку ве привлечат вестите за движењето на цените на суровата нафта (без географски одредници), постои голема веројатност дека станува збор за цени на Брент или ВТИ, кои својата популарност ја должат токму на финансиските пазари.

Раскошниот асортиман на сродни производи со богата временска димензија што се протега далеку во иднината, обезбедува активен пазар кој формира сигурна основа за глобалната трговија. Изобилството на ликвидност и безбројните можности за шпекулации ги направија Брент и ВТИ глобално познати брендови, иако сегментот на производство на сурова нафта на глобално ниво е многу покомплексен.

На бројни локации ширум светот светот од земјата и морето се извлекува сурова нафта со различни хемиски својства. Клучот е во молекуларната структура на суровината, која во прв ред може да се разликува според критериумот на густина, на скала развиена во Американскиот институт за нафта, која се движи од потешка до полесна, и по содржината на сулфур, од кој зависи класификацијата во рангот од слатка до кисела суровина.

Во зависност од тие карактеристики, кои суровината ја прават повеќе или помалку погодна за рафинериска обработка, се формира цената, најчесто во форма на дисконт или премија во однос на два ликвидни инструменти од почетокот на приказната – Брент и ВТИ. Википедија на тој начин нуди листа од околу триста познати видови, а меѓу нив, сосема логично, има и грст мешавини од – Русија.

Таа е придружна членка на ОПЕК и е еден од најголемите светски производители на сурова нафта, која се до инвазијата над Украина, во значителна мерка завршуваше на пазарот на Европската унија, било тоа да е во сурова форма (како материјал за рафинериска обработка), или како финален производ (некои на нафтените деривати) што ги точиме на бензинските пумпи.

Моралните скрупули на нафтените компании

Сега, кога веќе ги опфативме основите, конечно можеме да се вратиме на мрачната реалност и руската инвазија на Украина. Бидејќи со безмилосната канонада од проектили дотокот на руска нафта и нафтени деривати во Европската унија не беше прекинат, веќе после првиот бран санкции со кои сојузот на западните земји одлучи да ја казни Русија, беше јасно дека суровините како гасот и нафтата ќе имаат посебен третман.

Колку и да изгледа лицемерно, таквата стратегија на европските лидери само малкумина изненади. Фактот дека, со еден куп разноразни санкции, номинално има оставено многу простор за непречена трговија со суровини (со која агресорот всушност го финансира трагичниот воен поход на соседната земја) тоа е едноставно одраз на специфични околности (и последици од промашени и неуспешни политички одлуки) на Стариот континент.

Таквиот однос на силите преку ноќ е просто невозможно да се промени. За „година, две, три“, да, може, ветуваат европските лидери, во отсуство на веродостојна алтернатива, бидејќи на Русија, во услови на драматично зголемување на цените и сериозна нерамнотежа на пазарот, и припаѓаат околу 10% од вкупното светско производство на сурова нафта.

И тука работите се комплицираат.

За почеток, санкциите го отежнуваат работењето со Русија. Банките се претпазливи и многу бавно се движат низ лавиринтот на регулативи со кои се дозволува, ограничува и забранува соработка (и трговија) со Русија, а рестрикциите наметнуваат обврска за секојдневни проверки на други договорни страни според низа различни критериуми.

Секоја алка во комплицираниот ланец на снабдување со енергенси зависи, се разбира, од кредитните линии на банките, што потоа доведува до прекини во снабдувањето, или уште полошо, дури и до недостиг (во последните недели во тој контекст дизелот беше најчесто споменуван).

А, потоа, тука е негативниот публицитет што претставува сериозен ризик за репутацијата за корпоративниот сектор. Набргу по почетокот на инвазијата, британски пристанишни работници одбија да претоварат германски брод кој испорачуваше руска сурова нафта во рафинеријата Стенлоу Оил во сопственост на индиската корпорација „Исар“.

Бојкотот на руски производи наиде на одобрување кај голем број европски граѓани, но и донесе нови главоболки за нафтените компании: суровините кои (номинално) можеа слободно да се носат од Русија, а кои се неопходни за економијата на Стариот континент, станаа политички врел компир.

На реакциите на нафтените компании кои, во јавноста и онака не уживаат особено висок углед, не требаше долго да се чека. Една по една, со ред се откажаа од ветувачките истражувачки проекти (и производствени капацитети) во Русија, заобиколувајќи го рускиот пазар. Или барем така се чинеше на прв поглед.

Уште кон крајот на февруари, Шел објави дека се повлекува од проектот Северен тек 2, а набргу потоа и запирање на набавка на сурова нафта од Русија и раскинување на соработката со Гаспром, што компанијата може да ја чини меѓу четири и пет милијарди долари. Бритиш петролеум би можел да загуби пет пати повеќе поради ликвидацијата на сопственичкиот удел во руски Роснефт, а ни останатите не седеа со скрстени раце, книжејќи резервации на име потенцијални загуби поради неповолните случувања.

За тоа време, европските челници грозничаво бараат политички поприфатлива алтернатива, најавувајќи ја можноста за целосно ембарго на руската нафта до крајот на годината.

Криење на траги

Со други зборови, нафтата од Русија станува токсична суровина која многумина не ја сакаат. Оттука и веста за попустот како дополнителна мотивација со помош на која руските производители наоѓаат купувачи. Податоците понудени од „СиП Глобал“ и „Платс“ говорат за попуст на руската Урал бленд, во однос на Брент, од дури триесет долари за барел, иако вообичаениот попуст е само еден или два долари за барел (така беше непосредно пред инвазијата).

Со таков попуст, евтиното морализирање брзо ќе ѝ отстапи место на деловната логика.

Совест, велите?

Не помисливте веројатно дека нема да се најдат доволно бескрупулозни опортунисти? Ги предводат Кина и Индија, земји кои не се приклучија на санкциите и се водечки светски увозници на нафта. Бидејќи на Русија и е дозволена слободна трговија со нафта, нема никаков страв од секундарни санкции (многу моќно оружје во американските раце).

Но, опортунисти има и во Европа – договараат зделки под маса и зад сцената, по веќе проверен рецепт. Во моментов ништо не ги спречува (целосно легално) да добавуваат руска нафта, но само неколку се подготвени да се соочат со обвинувања дека со своето работење ја финансираат руската воена машина.

Праксата се усовршуваше за време на ембаргото за извоз на нафта од Венецуела и Иран; тогаш на пазарот се продаваше Сингапур бленд, вид на нафта што нема да го најдете на листата што ја нуди Википедија.

Сингапур, се разбира, нема значително производство на нафта, но располага со големи складишни капацитети во кои на политички контаминираната нафта и се губи секоја трага. Откако што (буквално) ќе се измеша со некој друга дериват и ќе помине низ рацете на неколку различни посредници, од Сингапур во танкери се товара политички коректна нафта за која не се применуваат никакви ограничувања.

Алтернатива на „он-шор“ мешањето се „оф-шор“ операциите, попознати како „СТС трансфер“ (shop-to-ship), технички потешки операции кои со помош на два танкери можат да се изведат далеку од очите на љубопитните. Во минатото, на тој начин, нафтата од Иран и Венецуела се претвораше во некаков „Малезиски дериват“, кој потоа отпловуваше до својата крајна дестинација (до повеќе или помалку наивни купувачи).

Латвиски деривати

Денес на пазарот мистериозно се појавуваат латвиски деривати, создадени во резервоари лоцирани на нафтениот терминал во латвиското пристаниште Вентспилс, по примерот на Сингапур.

За таа цел компанијата „Шел, како што наведува Блумберг, се погрижила за адекватна правна подлога, дефинирајќи ја во своите документи „руската нафта“ исклучиво како „испораки во кои уделот на нафта од Русија надминува 50 отсто“. Сè што е под тоа губи каква било врска со Русија.

Во меѓувреме, во Турција се трупаат големи количини руска нафта. Земјата, која несебично се нуди како посредник во преговорите меѓу завојуваните страни, во март увезла околу 7,4 милиони барели руска нафта или околу три пати повеќе од февруари. Нафтата ја преработуваат рафинериите во сопственост на домашниот Тупрас или азербејџанскиот Сокар, а како можни дестинации за извоз на руската нафта се споменуваат и Холандија, Шпанија и Финска.

Како Русија ќе извезе најмногу нафта за неколку години?

Русија планира во април да извезе речиси 9,3 милиони тони нафта, што е најголема количина во последните три години.

И така, малку по малку, целата приказна сè повеќе почнува да наликува на комплицирана шема за перење пари, како би се сокриле трагите за вистинското потекло (во случајов на валканите суровини, наместо на нелегално заработените пари) и да се промени формата (супстанцијата, се разбира, останува непроменета).

Тешко дека тука може да помогне некакво морализирање, сè додека европските потрошувачи со жедно голтаат големи количини црно злато (а субвенциите и разните даночни олеснувања ја одржуваат побарувачката константна), промена на деловниот модел е целосно илузорно да се очекува.

 

 

 

 

 

 

(Извор: Индекс.хр)