Цветин со онлајн изложба „Мироносно цвеќе за пријателство“

LinkSense.mk

Македонскиот хуманист и сликар Живко Поповски – Цветин, вчера, ја отвори својата онлајн изложба „Мироносно цвеќе за пријателство“ и ги додели „Цветиновите награди за мир“.

По тој повод, Поповски ги повика сите кои имаат негова слика до 09.01.2021 година, да се фотографираат на улица „Македонија“ или во својот дом и да учествуваат на оваа онлајн изложба на пријателството со „Цвеќето на мирот“.

Отворањето на третата по ред изложба „Мироносно цвеќе за пријателство“ се одржа во Спомен куќата „Мајка Тереза“, на Светскиот ден на УНИЦЕФ и Светскиот ден на планините, во организација на Здружението на просветни работници на Град Скопје.

Со изложбата и наградите за мир ја продолжувам мојата мисија за ширење на пријателството, соживотот, мирот и толеранцијата. Живееме во време со предизвици и затоа, неопходно е сите да се почитуваме и да го шириме доброто“, вели Поповски-Цветин.

Пригодно воведно обраќање на отворањето на изложбата имаше претседателот на Здружението на просветни работници на Град Скопје, Катерина С. Митковска.

Посетителите на изложбата носеа слики што во изминатиот период ги добиле од познатиот Цветин.

Поповски ги додели и Цветиновите награди за мир на личности кои му помогнале во ширење на неговата мисија во изминатите 36 години.

Оваа година, добитници на наградата се универзитетските професори Јелица и Атанас Николовски во знак на почит и благодарност за ширење на пораката за мир, соживот, толеранција, разбирање и пријателство меѓу учениците и децата од детските градинки.

Добитник е и Бистрица Миркуловска, писател, преведувач и автор на романот „Цвеќе на мирот“ и учесник во Карванот на мирот низ основните училишта во земјава и Гордана Марковска Угриновска, ќерка на првата учителка на Цветин во селото Брезово пред 70 години, која учествувала во многу настани во училиштето „Елпида Караманди“ и ги искачила „мироносните цвеќиња“ на Пелистер и на други планински врвови.

Цветиновата награда за мир ја добиваат уште и универзитетските професори Миле Димитровски и Милорад Јовановски, како хуманисти и членови на Лајонс клубот „Вардар“.

Досега наградата ја добиле шаховскиот мајстор Димитар Илиевски, со кого Цветин се дружи половина век, потоа дневниот весник „Нова Македонија“, историчарот на уметноста д-р Коста Балабанов, универзитетскиот професор и филозоф Ферид Мухиќ, д-р Боро Ристески – хуманист, Жељка Бургунд, претседател на организацијата ФИЦЕ Србија, академскиот сликар Ставре Димитров – Стадим, Славко Кртевски, писател, поет, драматург, новинар и актуелен член на Лајонс клуб Вардар и многу други познати личности.