Целосно е реконструиран Ученичкиот дом во Куманово

Целосно реконструиран и адаптиран е Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово со капацитет за 120 ученици кои доаѓаат од целиот Североисточен Регион.

Реконструкцијата е направена со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа и со неа се адаптирани и подобрени условите за користење и за лица со попреченост.

Првпат е овозможен упис на најмногу шест средношколци со лесна физичка попреченост. За нив се направени пет апартмани, како и за згрижување лица кои се жртви на семејно насилство, пожари и поплави.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски при посета на домот соопшти дека вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а целта е подобрување и осовременување на досегашните услуги и условите за целодневен престој на корисниците, како и воведување нови услуги кои не постојат во регионот. Тие се однесуваат на згрижување на ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави кои се повремени корисници на услугите на домот.

Реконструкцијата и адаптацијата опфати инфраструктурно уредување на просторот, пристапност за лица со посебни потреби, поставување пристапна рампа и лифткар-гасеничар, приспособување на дел од собите и на тоалетите за користење на лица со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и приспособување за користење за повеќе намени кои се во интерес на учениците – простор за регионални состаноци, обуки, семинари со инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.