Четири високообразовни институции ќе ја воведат медиумската писменост во наставната програма

LinkSense.mk

Четири високообразовни институции од државава добија грант за воведување медиумска писменост во студиските програми во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го реализираат ИРЕКС заедно со Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Станува збор за Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот на Југоисточна Европа и Американскиот универзитет на Европа – ФОН .

Факултетите биле избрани на првиот јавен повик на ИКС и ИРЕКС во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД, со цел да ги поттикне високообразовните институции да работат со студентите и да ги унапредуваат истражувањата во областа.

Александра Теменугова, програмска координаторка во ИКС, на денешниот настан во „Александар Палас“ на кој беа презентирани добитниците на грантот за кој првично биле пријавени 11 факултети од различни универзитети, посочи дека целта поради која се реализира проектот е слободно и непречено користење на новите медиуми и препознавање на сите ризици кои ги носи дигиталната ера.

– Тоа подразбира да се стремиме сите подеднакво да ги стекнеме неопходните знаења, вештини и компетенции за медиумска писменост, рече таа.

На настанот учествуваше и директорот на проектот, Михајло Лахтов, кој во моментов координира повеќе активности, со повеќе институции, со цел медиумската писменост да стане дел од формалното образование.

– Медиумската писменост е последната алка во нашата цел и нашите напори да систематски ја вклучиме медиумската писменост во образованието, во основното образование, во прво одделение, до крајот на основното образование, во средното образование, за да го гледаме високото образование како еден последен дел од таа целина која што ние се обидуваме да ја видиме, медиумската писменост вклучена во формалниот дел од образованието, рече тој.

На настанот учествуваа и претставници од добитниците на грантот, кои до март следната година ќе ја воведат медиумската писменост во наставните програми на факултетите.

 

МИА