Зимската сезона носи промени не само во гардеробата, туку и во рутината за разубавување. Иако студените денови традиционално значат потемни нијанси на усните, нагласени очи и малку подраматичен изглед, овојпат трендовите во шминкањето носат интересна комбинација од нежност, носталгија и донекаде футуристичка естетика. Фокусот е ставен на светкави сенки во суптилни тонови, кармини во бургундска боја кои на секој изглед му даваат нота на елеганција, „ледена“ шминка инспирирана од зимските пејзажи, но и маскари во боја – за сите оние кои сакаат да си поиграат со шминката.
Добрата вест е што овие трендови не бараат ништо премногу комплицирано. Тие можат да се носат во секојдневни комбинации, но и да се прилагодат за вечерни излегувања, во зависност од тоа колку впечатлив ефект сакате да постигнете.
1.Нежни, светкави сенки за суптилен гламур
Ако претпочитате дискретна шминка, но сепак сакате да додадете малку сјај на својот изглед, нежните светкави сенки ќе бидат еден од најубавите избори оваа зима. Нијансите на шампањ, светлорозова, бисерна и нежно беж боја се особено пожелни, бидејќи го освежуваат изгледот без да бидат премногу нападен детал.
Можете да ги нанесете на целиот очен капак за едноставен дневен изглед или да додадете малку поинтензивен сјај во внатрешниот агол на окото. Со неколку слоеви маскара, благо руменило и неутрални усни, добивате едноставна, но ефектна шминка која е соодветна за речиси секоја пригода.
2. Кармините во бордо нијанси повторно се во центарот на вниманието
Постојат нијанси кои повторно стануваат актуелни штом температурите ќе почнат да опаѓаат, а бордо карминот е дефинитивно една од нив. Нијансите на длабоко вино, темна црвена боја и боја на слива повторно се меѓу најинтересните избори за зимската сезона, особено за оние кои сакаат впечатливи усни.
Нивната предност е тоа што можат да направат дури и наједноставната комбинација да изгледа поелегантно и поцеловито. Бордо карминот можете да го носите со речиси целосно неутрална шминка, нагласени трепки и изедначен тен, така што усните ќе останат во преден план. За дневни пригоди, одберете текстури со поголема проѕирност, додека мат и кремастите формули се одличен избор за вечерни излегувања.
3. „Ледена“ шминка за ефект на зимски сјај
Еден од визуелно најинтересните трендови оваа зима е „ледената“ шминка, инспирирана од ладните тонови, снегот и блескавите зимски пејзажи. Фокусот е ставен на сребрени, ледено-сини, бисерни и ладни розови нијанси, како и на кожа која изгледа свежо и блескаво.
Сјајни сенки во сребрени тонови, хајлајтер на јаболкниците и суптилно руменило во ладна розова нијанса ја сочинуваат основата на овој изглед. За малку повпечатлива варијанта, можете да додадете и ледено-сина сенка или ајлајнер.
Иако на прв поглед изгледа како тренд резервиран за посебни пригоди, „ледената“ шминка лесно се прилагодува за секојдневни изданија. Доволно е да изберете еден детал, како на пример сребрени светки на очните капаци или бисерен хајлајтер, а остатокот од шминката да го задржите едноставен.
4.Маскари во боја за малку поинаков изглед
Црната маскара со години е незаменлив дел од секоја козметичка торбичка, но зимата е вистинското време да пронајдете интересна алтернатива. Маскарите во боја повторно доаѓаат во преден план и претставуваат лесен начин да внесете малку разиграност во вашата секојдневна шминка. Сина, виолетова, бордо и темнозелена се само дел од нијансите што можете да ги испробате. За подискретен ефект, доволно е да ја нанесете маскарата само на врвовите на трепките или на долните трепки, додека поинтензивна боја нанесена на целите трепки ќе создаде повпечатлив изглед.
Овој тренд е особено интересен бидејќи не бара многу производи ниту пак посебна техника. Во комбинација со неутрални сенки и природен тен, маскарата во боја може да стане главниот детал на вашата шминка. Од благ сјај и класични усни во бордо боја, па сè до ледени тонови и маскари во неочекувани бои – зимската шминка оваа сезона остава многу простор за експериментирање. Најдоброто е што не мора да ги следите сите трендови одеднаш: едноставно одберете го оној што ви се допаѓа и прилагодете го на сопствениот стил.
Извор: Данас







