Чешкиот претседател на интензивна нега

„Претседателот на Чешка, Милош Земан, е сместен на Одделот за интензивна нега, а дијагнозата нема да биде објавена без негова согласност“, соопшти директорот на Централната воена болница, Мирослав Заворал, кој денеска првпат го прокоментирал здравјето на претседателот на брифингот за новинари во болницата во Прага.

Седумдесет и седумгодишниот Земан на средината на септември веќе беше хоспитализиран. Тогаш во болницата мина осум денови.

Претседателот на Чешката Република боледува од дијабетична неуропатија заради што од неодамна почнал да користи инвалидска количка.

Новинската агенција ЦТК информира дека утринава Земан остварил четириесет и пет минутна средба со Андреј Бабиш, популистичкиот милијардер кој стана премиер во 2017 година во претседателската резиденција во близина на Прага.

Бабиш претрпе изненадувачки пораз од Сојузот на опозициските партии кои освоија 108 од 200 места во Претставничкиот дом по изборите во петокот и саботата.

Земан има клучна улога во одредувањето на следните чекори затоа што како претседател е задолжен за именување на личноста која ќе ја формира следната влада. Во случај на неспособност на претседателот, таа задача ќе припадне на претседателот на Претставничкиот дом.

Постизборните политички превирања се можни затоа што Земан рече дека нема да го даде мандатот на коалиција партии туку на најголемата поединечна партија. Во тој случај, тоа би била АНО, на чие чело е Бабиш.

Земан е претседател од 2013 година, а беше чешки премиер од 1998 до 2002 година. Според наводите во медиумите боледува од дијабетис и често користо инвалидска количка заради неуропатија.

Земан е првиот чешки претседател кого народот, после измена на уставот, два пати едно по друго го избира.