Чешкиот туристички центар Карлови Вари е пред колапс

LinkSense.mk

Ѕвончето на влезната врата на продавницата за сувенири во Карлови Вари, Чешка, собира прашина. Сопственикот зад касата размислува како да врзе крај со крај. Аднан Фарид, родум од Либан, вели дека може само да седи и беспомошно да гледа како работата му пропаѓа.

Карлови Вари е познато бањско одморалиште и лекувалиште благодарение на бројните термални извори. Богатите Руси, кои претходно овде доаѓаа на одмор, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година во градот почнаа да купуваат станови, куќи и хотели.

Поради приливот на се поголемиот број руски туристи, градот брзо напредуваше додека Чешка закрепнуваше од четиридецениското комунистичко владеење. „Градот беше туристички магнет во тоа време, улиците беа преполни со купувачи. Живеевме добро“, вели Фарид.

Периодот на просперитет почна да бледне уште во 2014 година, кога Западот воведе санкции кон Русија откако таа го окупираше Крим. Дополнителен удар на туризмот во Карлови Вари му зададе пандемијата на Ковид-19, а потоа и руската инвазија на Украина која започна на 24 февруари годинава.

Фарид наведува дека неговиот бизнис паднал за цели 90 отсто. Денес заработува едвај толку за да ги покрие основните трошоци.

Кога започна војната, туристите од Украина и Русија престанаа да доаѓаат. Не правам ништо, само чекам да помине времето“, вели тој.

Во новите околности, претприемачите, особено во туризмот, се повеќе се загрижени за последиците што војната во Украина ќе ги остави врз нивниот бизнис.

Ридскиот град, кој освен по бањите е познат и по меѓународниот филмски фестивал што се одржува во лето, се наоѓа високо на листата на „Трип Адвајсер“ (TripAdvisor) на најдобри туристички дестинации во Чешка, веднаш после Прага.

Низ градот тече реката Тепла, крај која има дузина колонади изградени во 19 век, во кои се сместени бањите. Во склоп на овој комплекс се наоѓа големата Млинска колонада, опкружена со хотели, еден од симболите на градот.

Но, деновиве не само што се празни продавниците за сувенири и локалните кондиторски продавници, туку и на некои од нив веќе има табли на кои пишува дека се за продажба, на чешки, англиски и на руски јазик.

Луѓето мислеа дека на локалните хотели ќе им требаат две или три години за да закрепнат од пандемијата, но сега е јасно дека тоа нема да се случи поради војната“, рече портпаролот на градската управа Јан Копал.

Поради пандемијата и војната, многу сопственици на куќи и хотели во градот, главно Руси, решија да ги продадат своите имоти. Но, продажбата оди бавно, вели Копал, бидејќи сопствениците не сакаат да ги намалат цените.

Александар Мизјук, вработен во агенцијата за недвижности „РеМакс Глорион“, вели дека сопствениците на имот полагале големи надежи во закрепнување на пазарот откако пандемијата почна да стивнува.

Се надеваа дека туристите повторно ќе дојдат на пролет и дека се ќе биде во ред, но сега имаме друг проблем“, истакнува Мизјук.

Многу хотели се полни со бегалци од Украина“, вели Мизјук, кој и самиот е Украинец.

Во Карлови Вари и пред војната живееше прилично голем број на украинско малцинство, а од почетокот на руската инвазија на Украина градот примил речиси 500 украински деца кои посетуваат тамошни градинки и основни училишта.

Рускиот јазик сè уште е доминантен во центарот на градот. Го зборуваат преостанатите Руси, Казахстанци и Азербејџанци, но и некои бегалци од Украина, од кои Чешка прими околу 300.000 од почетокот на војната.

Во уште една празна продавница, стоејќи покрај полиците со скапи чевли и луксузни чанти, продавачката Галина Жданова, родена во Киргистан, исто се жали на актуелната состојба.

Остануваме без пари, нема туристи. Малкумината што доаѓаат остануваат само ден-два и само седат во кафулињата или шетаат наоколу“, вели таа.

Заработуваме малку, па малку и трошиме. Не можеме да си дозволиме одмор ниту за нашите деца, ниту за себе. Некако престанавме да веруваме во иднината“, додава таа.

И Олена Хулинова, поранешен туристички водич и една од ретките луѓе со чешко потекло што може да се најдат во центарот на градот, се сеќава на подобрите денови.

Почна со короната. Карлови Вари изгледаше како сцена од апокалипсата – празни улици, сè затворено. Сега и Русите нè напуштија… И не се враќаат“, вели таа.