Шар Планина прогласена за Национален парк

Пратениците во Собранието вчера со мнозинство од 66 гласа дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

Со усвојување на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, односно за Национален парк, нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и прв од прогласувањето на независноста.

Земајќи ги предвид специфичните природни убавини, богатиот и ендемичен растителен и животински свет, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики и пејзажните и пределните вредности, Шар Планина ги исполни критериумите да биде прогласена за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк.

По тој повод премиерот Зоран Заев на Фејсбук објави дека со оваа одлука Владата спроведува континуирани политики за заштитата на природата, за зачувување на уникатните природни вредности, за заштита на специфичниот биодиверзитет и пределска разновидност, но и за отворање на нови можности за одржлив развој на локалната економија.

„Шумите се наше природно богатство кое треба да го чуваме и за идните генерации и наша обврска е да ги заштитиме и да го зголемуваме на шумскиот фонд како клучна алка во борбата со последиците од климатските промени“, напиша Заев во објавата.

Министерството за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, пак, оцени дека со донесувањето на Законот се отвораат нови можности.

„Со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат“, наведе министерот Нуредини во писмена изјава.

Основната цел на законското решение е обезбедување на заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

Зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните вредности, создавање поповолни услови за одржување, развој и унапредување на природните вредности, спречување на дејствија со кои посредно или непосредно може да се промени состојбата на природните вредности, одржување и управување на националниот парк, со цел заштита на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и регулирање на односот на човекот кон природата, заради зачувување на автентичната состојба на националниот парк, се конкретните цели на Законот.

Со законот се поставува основата за зачувување, унапредување и одржливо користење на природните богатства за научно истражувачка, културна, воспитно-образовна, туристичко-рекреативна и друга намена.

Вкупната површина на Националниот парк Шар Планина изнесува 54.215 хектари, што претставува 13,2 отсто од севкупната територија на Македонија.

Во националниот парк Шар Планина се востановуваат следните зони: зона за строга заштита, зона за активно управување, зона за одржливо користење и заштитен појас.

Зона за строга заштита претставува дел со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики.

Вкупната површина на зоната за строга заштита изнесува 17.978 хектари или 33,16 проценти од вкупната површина на паркот. Во неа забрането e спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа.

Зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот.

Во зоната за активно управување се опфатени најголем дел од значајните шумски екосистеми на Шар Планина, во прв ред зачувани букови шуми, шуми со смрека и ела или мешани шуми од зимзелени и листопадни видови, како и костенови шуми и некои рефугиијални шумски состоини.

Зоната зафаќа вкупна површина од 22.420 хектари или 41,35 отсто од вкупната површина на паркот.

Зоната за одржливо користење претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, во која се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.

Зоната за одржливо користење опфаќа површина од 13.677 хектари или 25,23 проценти од вкупната површина на паркот.

Заштитниот појас е површина чија улога е да ги заштити зоната за строга заштита, зоната за активно управување и зоната за одржливо користење од заканите што потекнуваат надвор од заштитеното подрачје.

Вкупната површина на заштитниот појас на Националнио парк Шар Планина изнесува 140 хектари или 0,26 отсто од вкупната површина на паркот.