Швајцарската полиција во рамки на истрагата заради сомневање за корупција околу организацијата на Светското првенство во Германија, направила претрес во неколку куќи сопственост на некогашни функционери во ФИФА.
Истрагата е насочена кон членови на организацискиот одбор на Мундијалот во 2006 година, меѓу кои е и легендарниот германски фудбалер Франц Бекенбауер, а проширена е и кон некогашниот генерален секретар на ФИФА, Урс Линси.

Постојат сомневања дека се купувале гласови за Германија да ја добие организацијата на Светското првенство.
Под истрага се и две лица чии имиња полицијата не ги соопштува.

„Пребарани се куќи на различни локации во Швајцарија, каде што се зборува германски јазик во рамки на истрагата која е покрената минатата година, поврзана со тврдењата за измами, криминал, перење пари и проневери“, стои во соопштението на швајцарското обвинителство.
Истрагата е отворена во ноември минатата година и, пред се, е насочена кон Бекенбауер затоа што бил на чело на одборот за кандидатура околу добивање на Светското првенство, но и на останатите членови – Ханс Рудолф Шмит, Тео Цванцигер и Волфранг Ниерсбаха.
Сега постојат сомнежи за вмешаност и на Линси кој до минатата недела беше претседател на една банка во Цирих.
Пребарувањето на домовите поврзано е со исплатата на 6,7 милиони евра, пари што Фудбалскиот сојуз му ги дал на Роберто Луис-Драјфус, некогаш прв човек на „Адидас“ и заговорник за организација на Мундијалот.