Шефот на австриската дипломатија во посета на Скопје

LinkSense.mk

Австрискиот сојузен министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Линхарт ќе биде пречекан од неговиот домаќин шефот на дипломатијата Бујар Османи со кого ќе има тет-а-тет средба, по што ќе следи пленарен состанок на двете делегации.

Според најавите, во фокус на разговорите на средбите се очекува да бидат севкупните билатерални политички и економско-трговски односи меѓу двете земји, како и европската перспектива на земјава, со посебен акцент на очекувањата од претстојниот декемвриски Самит на Европската Унија.

Во рамки на официјалната посета на земјава, Линхарт ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Освен од делегацијата на австриското Министерство, Линхарт ќе биде придружуван и од бизнис делегација, која ќе оствари средби со претставници на економските ресори во Владата.

Дополнително, како што соопшти МНР,  планирано е одржување на бизнис настан со цел унапредување на трговската размена и искористување на инвестициските можности.

Во пресрет на денешната посета на Линхарт, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера изјави дека фокусот за договор со Софија за надминување на разликите е на декември, но периодот е краток и затоа не се исклучува и јануари како опција за датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.

Тој потенцира дека актуелниот претседавач со ЕУ, Словенија има стратешки интерес „да го мрдне регионот кон Европската Унија“, потсетувајќи дека по неа претседавањето со ЕУ го презема Франција, каде на пролет се предвидени претседателски избори.

– Иако преференцата е декември, од неколку главни градови во Европа слушам дека и јануари сепак останува како можност да се успее, што ни дава можеби малку повеќе време, иако мислам дека фокусот треба да ни биде на декември, изјави Димитров за ТВ 24.

Инаку, дипломатските односи меѓу Скопје и Виена се воспоставени на 23 декември 1994 година. Австрија е една од земјите од ЕУ со кои Северна Македонија имаме плодна билатерална соработка и интензивен политички дијалог и претставува еден од најголемите економски партнери на земјава.

Австрија е на првото место на листата на странски инвеститори во Северна Македонија. Во земјава функционираат околу 50 компании со австриски капитал, меѓу кои најголеми се ЕВН, Шпаркасе банка, Соравиа, Мобилком Австрија, С&T, Тондах и Страбаг.