Ши Женгли, шефица на лабораторијата во Вухан: Короната не излезе од лабораторија

Кинескиот научник др. Ши Женгли, позната како „Жената лилјак“, веќе извесно време е во средиштето на вниманието како раководител на лабораторијата во Вухан за истражување на корона вирусот. Таа тврди дека вирусот САРС-КоВ-2 не излегол од таа лабораторија за истражување на лилјаци. Сепак, педесет и седумгодишната лекарка, инаку врвен вирусолог, за многумина е личност која ја крие тајната за тоа дека вирусот, кој му зададе главоболка на целиот свет, побегнал од лабораторијата.

Женгл во Кина е хероина и жртва на злонамерни теории на заговор, пишува „Њујорк Тајмс“ кој со неа направи кусо интервју по пат на СМС пораки и мејлови.

Поголемиот број научници ја отфрлија теоријата дека вирусот „побегнал“ од лабораторија, додека други беа претпазливи затоа што неа упорно ја истакнуваше американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓутоа, и администрацијата на новиот претседател на САД, Џо Бајден почна да ја разгледува теоријата за вирусот кој „побегнал“ од лабораторијата во Вухан.

Има се повеќе научници кои тврдат дека таа прерано е отфрлена, а дека Женгли раководела со ризични експерименти со корона вируси во недоволно сигурен простор.

Женгли ги отфрли наводните американски разузнувачки податоци кои зборуваат дека се почнало откако неколкумина вработени во Институтот за вирусологија во Вухан се заразиле со Ковид-19.

„Како, ве молам, можам да понудам докази за нешто за што нема докази“, рекла Женгли во текот на кусиот разговор за „Њујорк Тајмс“. „Непрестано фрлате со кал кон невин научник“.

На прашањето дали имало извор на нов корона вирус пред да избие пандемијата, категорично одговорила „Не!“

Кинеските власти не дозволуваат независна истрага во лабораторијата во Вухан, ниту пак доставуваат податоци за истражувањата на др.Женгли, што, како забележува новинарот на „Њујорк Тајмс“, фрла сомнеж на целата оваа работа.

Женгли, инаку, е еден од најдобрите светски вирусолози. Таа ги испитувала живеалиштата на лилјаците за да се истражат начините на кои вирусите од животни преминуваат на луѓе.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека нејзината екипа, од 2004 година, кога изби епидемијата со САРС, досега собрала дури десет илјади примероци од лилјаци ширум Кина.

Пред четири години, таа и соработниците објавија резултати од експерименти со вирусот, при кои направиле хибрид од корона вирусот користејќи геноми од постоечки, како и оние кои потенцијално можат да преминат на човек.

„Во мојата лабораторија никогаш не се изведувани експерименти со кои би се зголемила заразноста на вирусот“, му кажала таа на новинарот на „Њујорк Тајмс“.

Прашана била и за наводните три случаи на инфекции што наликувале на грип меѓу членовите од нејзината група.

„Во Институтот во Вухан немаше такви случаи. Ако вие имате други податоци, ве молам испратете ми ги имињата на тие лица за да ги провериме“, возвратила Женгли, која не е член на Комунистичката партија на Кина, што е необично за вработени во државна институција од нејзин ранг.

Женгли докторирала на Универзитетот Монтпелер во Франција во 2000 година, а лилјаци проучува од 2004 година, после избивањето на епидемијата со САРС, кој усмрти повеќе од 700 луѓе ширум светот. Во една пештера на југозападот на Кина, Женгли пронашла лилјаци кои биле носители на вируси слични на оние кои ги предизвикува САРС.

(Фото: ЕПА)