Шолц: „Го имам мандатот!“

Имам мандат да ја водам следната германска влада!“. Ова го порача Олаф Шолц, кандидатот за канцелар на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) која води пред демохристијаните, нивниот досегашен партнер во владеачката коалиција. Шолц најавува дека ќе настојува да формира власт со Зелените и либералите (ФДП), чиј лидер Кристијан Линднер наговести дека овие две партии би можеле да формираат блок и со заеднички позиции на настапуваат во преговорите.

На Зелените и на либералите им припадна улогата на тас на вагата во формирањето на идната германска влада и планираат да разговараат за сите можни варијанти во коалицискиот „систем“.

Во овие моменти, најповеќе шанси има таканарешената „Семафор коалиција“, односно, поделба на власта меѓу „црвениот“ СПД, како постар партнер“ и Зелените и „жолтите“ либерали како помлади членови.

Партијата СПД веќе формираше шестчлена екипа, која со Зелените и ФДП ќе разговара за формирање на “Семафор коалицијата“. Преговарачкиот тим го предводи Шолц кој, инаку, победи во изборната единица Потсдам и директно освои пратеничко место во Бундестагот, чиј член е од 2011 година.

Шолц, меѓутоа, место во Бундестагот, ќе седи на канцеларискиот стол, ако се суди според традицијата на изборниот округ Пинеберг, во југозападната покраина Шлезвиг-Холштајн. Од 1953 година, во овој округ со 315.000 жители без грешка се „прогнозира“ кој ќе биде новиот германски канцелар. А на неделните избори победи, имено, кандидатот на СПД, Ралф Штенгер.

Со оглед на тоа дека ниту СПД ниту ЦДУ-ЦСУ не сакаат „голема коалиција“, каква што постоеше во владата во последната деценија и пол, јасно е дека новата влада ќе биде тричлена.

Заради загубата на првата позиција на политичката сцена во Германија, не негодуваше само ЦДУ, туку и баварската, сестринска ЦСУ, која отвори вистинска рафална стрелба на канцеларскиот кандидат Армин Лашет.

Според пишувањето на „Билд“, на седницата на претседателството нас ЦДУ дошло до остра расправа. Министерот за здравство на покраината Северна Рајна Вестфалија, Карл Јозеф Лајман, бесен извикал: „Доста ми е веќе! Милион и пол гласачи преминаа од кај нас во СПД“.

ЦДУ во неделата го оствари својот најлош резултат во модерната историја и никој не верува дека објаснувањето на Лашет дека тоа е поради заминувањето на Ангела Меркел, после 16 години.

Лашет, принуден, ја смени реториката во врска со барањето за формирање влада и сега тврди дека не споменал никогаш оти има намера да формира влада, иако веднаш по изборите до длабоко во ноќта разговарал со Линднер.

Младите членови на оваа партија остро се спротивставуваат на влегувањето во власта по секоја цена и бараат ЦДУ да оди во опозиција и темелно да се подготви за следните избори.

 

 

 

(Фото: АП)