Шпанија го враќа полицискиот час

Шпанските региони го враќаат полицискиот час, како и ограничувањата за дружење и ноќен живот за да го запрат брзиот пораст на бројот на новозаразени од корона вирус, додека делта варијантата се пренесува на невакцинирани млади луѓе во земјата.

Каталонија и Валенсија, два региона на медитеранскиот брег кои се главни жаришта на епидемијата, го ограничуваат собирањето на 10 луѓе и ги обновуваат ограничувањата на сите активности во текот на ноќта, додека северниот регион Астурија од денеска забрани работа на баровите со исклучок на отворените тераси и рестораните, пренесе АП.

Заради почетокот на летото и забавите организирани за да се обележи крајот на школската година, бројот на заразените од ковид-19 во Шпанија сега е три пати повеќе меѓу младите до 30 години во однос на просекот.

Бројот на заболени на 100.000 жители денеска порасна на национално ниво на 368 случаи, изјави Фернандо Симон, кој координира со шпанскиот одговор за итните здравствени проблеми.

Тој истакна дека, иако младите пациенти обично не е потребно да се лекуваат на Одделенијата за интензивна нега, големиот број случаи заболени од корона помлади од 30 години полека ја зголемува стапката на бројот на хоспитализирани.

Шпанија во потполност вакцинираше повеќе од 21 милион луѓе или 46 отсто од вкупната популација, меѓутоа само околу 600.000 се оние кои имаат помалку од 30 години.