Штајнмаер е идниот претседател на Германија

Франк-Валтер Штајнмаер

Членките на коалициската влада на германската канцеларка Ангела Меркел постигнаа договор, актуелниот шеф на дипломатијата, социјалдемократот Франк-Валтер Штајнмаер да биде нивниот кандидат за иден претседател на Германија.

Вицеканцеларот Зигман Габриел, шефот на Социјалдемократската партија, им потврди на новинарите дека е постигнат политички договор.

Со тој договор практично е загарантиран изборот на Штајнмаер на функцијата претседател.

Шеесетгодишниот Штајнмаер, според анкетите, е најпопуларна личност во Германија.

„Во ова време на криза во светот тој направи се што е можно за нашата земја и за Европа и ги промовираше мирот и безбедноста“, рече Габриел во обраќањето пред новинарите во Берлин и додаде дека многумина поради тоа сакаат Штајнмаер да биде идниот претседател.

СДП е партнер во владеачката коалиција, заедно со Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел и нејзината баварска сестринска партија Христијанско социјалната унија (ЦСУ).
Претседателот на ЦСУ, Хорст Зехофер, на собирот рече дека ЦДУ и ЦСУ се сложиле Штајнмаер да биде нивни заеднички кандидат.

„Ние се договоривме. Тоа е многу важно“, истакна Зехофер.

Според политичката традиција во Германија, коалициските партии ЦДУ и ЦСУ и социјалдемократите СДП треба да се сложат околу заедничка личност за таа главно церемонијална функција, која треба да биде над партиските поделби.

Актуелниот шеф на државата Јоаким Гаук има 76 години и одлучил да не се кандидира за нов мандат. Неговиот мандат завршува во март 2017 година. Сојузното собрание, составено од пратеници од Бундестагот и претставници од германските држави, ќе го избираат неговиот наследник на 12 февруари.
Актуелниот шеф на државата Јоаким Гаук има 76 години и одлучил да не се кандидира за нов мандат. Неговиот мандат завршува во март 2017 година. Сојузното собрание, составено од пратеници од Бундестагот и претставници од германските држави, ќе го избираат неговиот наследник на 12 февруари.