„Сакав набрзина да го добијам првиот меч и да го осигурам ‘број 1’ на крајот од годината… Сам на себе си го ставив тој притисок, но успеав да се ‘растеретам’ за продолжението на турнирот“, изјави најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, по победата против Данецот Холгер Руне (2:1) на стартот од завршниот Мастерс во Торино.
Ѓоковиќ по рекорден осми пат во кариерата го обезбеди првото место на крајот на годината, но ја „проби“ и магичната бројка од 400 недели на врвот на АТП листата, односно сега има обезбедени најмалку 406.
„Беше тежок меч, секогаш е така против Руне, играше одлично. Го имав тој пад во тај-брејкот во вториот сет, но третиот го одиграв сосема солидно. Целта е исполнета и сега се над ова е бонус“, изјави Ѓоковиќ, кој ја брани титулата и сега сака по седми пат да го освои овој Мастерс.
Мечот ќе остане запаметен по тоа што „скрши два рекета“ после изгубен сет.
„Им се извинувам на децата што гледаа“, се пошегува Ѓоковиќ и ѝ се заблагодари на италијанската публика за поддршката, со забелешка дека во Торино, исто како и во Рим, се чувствува како дома што го „документираше“ зборувајќи на течен италијански јазик.
Тоа го рече Новак на теренот, но после мечот со новинарите беше многу позборлив.Не го криеше своето задоволство што веќе на првата препрека на Мастерсот во Торино ја оствари една од своите „златни цели“ за 2023 година – завршување на сезоната по осми пат на врвот на АТП листата, а со тоа и премин на уште една голема „округла бројка“ од 400 недели на врвот.
„Многу ми значи што вечерва обезбедив 400 и повеќе недели на позицијата број 1, и поради тоа не сакав да чекам со остварување на таа цел подолго од вечерва. Отсекогаш сакав да бидам број еден во светот, што ми значи многу покрај освојувањето грен слемови. Да ја завршиш сезоната на прво место на мои години е навистина исклучителен успех. На почетокот на годината тоа не ми беше приоритет, но поради поените освоени првенствено на слемовите, дојдов во добра позиција на крајот од сезоната да се борам за тоа остварување и затоа се фокусирав на таа цел. Се што понатаму ќе постигнам на овој турнир за мене е чист бонус“, истакна Новак.
Се осврна и на самиот меч против расположениот Руне.
„Имаше многу тешки моменти против Руне. Тој имаше многу јасен план за игра, беше агресивен, излегуваше на мрежата, одлично сервираше и морав вистински да се борам да најдам дупка во неговата игра за да победам. Овие три часа игра е и најдолгиот меч што сум го одиграл во Торино досега. Холгер беше на исклучително високо ниво, ако не и највисоко, а тоа што играме сличен тенис допринесува на тежината на мечевите. Напнатоста поради имеративот за остварување на целта, исто така, влијаеше на мојата игра, но успеав да ги пронајдам потребните решенија кога тоа беше најважно“, објасни Ѓоковиќ.
Запрашан да даде своја оценка за предностите на неговиот следен противник Синер во однос на Руне, српскиот ас вели:
„Во техничка смисла, Јаник има подобар форхенд, но вечерашниот Руне може да го победи и Синер и кој било друг, па ќе биде интересно да се видат преостанатите мечеви во нашата група. Синер е во одлична форма, можеби го игра својот најдобар тенис досега, ужива во најдобрата сезона во својата кариерата досега. Сигурно многу му значи поддршката од публиката, му дава самодоверба. Покрај одличните сервиси, Јаник е еден од најдобрите играчи од основната линија и иако никогаш не сум загубил од него, имавме многу неизвесни дуели, каков што, на пример, беше оној во полуфиналето на Вимблдон. Знам што можам да очекувам од него и од публиката и максимално ќе се подготвам за тој меч, со надеж дека сите ќе уживаат во мечот помеѓу двајца играчи кои се во топ форма. Ќе видиме…“
Дали е ова можеби најдобра сезона во кариерата на Новак Ѓоковиќ – со три освоени Грен слема (и поен кој недостасуваше до освојување на четвртиот), рекордни 24 слема, осмото прво место на крајот од сезоната, над 400 недели на врвот. .?
„Би рекол дека е секако една од најдобрите и покрај сиот овој успех, што е убаво да се констатира. Мислам дека досега три пати освојував три слема во една сезона. Се чувствував доминантно на турнеите. Но околностите се сменија од тогаш. Оваа година одиграв 10-11 турнири, успеав да ја подигнам формата на целните турнири и тоа ми беше најважно. Не загубив меч уште од Вимблдон, одлично се чувствувам на теренот, задоволен сум со својата игра, но тешко е да се споредат тие сезони и периоди во кариерата.
Кај Руне се покажуваа знаци на замор, но не и кај Ѓоковиќ…
„Не сум сигурен дали навистина беше толку уморен, иако имавме долги и тешки размени и неизвесни гемови. Нормално е човек да се измори, но тој е многу добро физички подготвен играч. Тој е исклучително динамичен играч, силен, агресивен, можеби и еден од најдобрите против кои сум играл. Го подобри и сервисот, а ми се чини дека соработката со Борис веќе дава одлични резултати за него.
Прашан дали „кршењето на рекетот“ е можеби и прагматичен гест за „ресетирање“ на играчот во даден момент, Новак одговари:
„Ако некој мисли дека беше прагматично на тој начин да се ослободам од тензијата, фрустрациите и да се ослободам за подобра игра во понатамошниот тек од мечот, тогаш ова вечерва беше добар пример за тоа. И покрај се, не би сакал да го препорачам некому, па ни себе си. Воопшто не ми се допаѓа тоа што го направив, но и тоа се случи и ја преземам сета одговорност за тој гест. И покрај тоа што некогаш во минатото умеев да се ослободам од грчот и да заиграм поотворено, и понатаму верувам дека постојат попаметни начини како тоа да се реши наместо кршењето на рекети“, низ насмевка изјави Новак.