Јанушев: Зоран Заев призна дека се коцкал, како влог ја ставил државата и сопствениот народ

LinkSense.mk

„Во недела македонскиот народ е соочен со историска одлука. Или ќе се самоизбрише и самоукине или ќе продолжи да се бори за се она за кое што се бореа генерации пред нас. Во недела оваа генерација е соочена со изборот да потклекне на историскиот предизвик, да падне на коленици, да свитка кичма и да се откаже од сопствениот идентитет или да продолжи да се бори и гордо да им пренесе на идните поколенија пример како се чува тоа што е твое и како со ум и со храброст може секој да се спротивстави на неправда и апсурд“

Ова денеска на прес-конференција го изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Јанушев порача до македонската јавност „Не дозволувајте да ве заплашат со закани или залажат со пари или каква било награда. Што и да ви каже Заев или неговите соработници, достоинството нема цена. Во целата кампања видовме само лаги и манипулации. На крај и самиот Заев призна дека лаже и манипулира. Се колнеше во жицата македонска, во дедовците и во внуците дека немало да го смени името.

На крај го прифати тоа што ниту еден македонски политичар не го прифатил. Се согласи да го смени името и Уставот, да го избрише идентитетот, да ја менува историјата, традицијата и културата на нашата Македонија“.

„Зоран Заев призна дека се коцкал, но за разлика од секој друг коцкар, тој како влог си ја ставил државата и сопствениот народ. Никој не му дал право на Заев да не става нас и државата „олл ин” во неговата покерска игра. Зоран Заев повика на изборна корупција. Според него вашата чест и достоинство вредат 100 евра. Толку треба да се исплати според него за еден глас за поддршка на неговата капитулација! Лага е дека и ЕУ и НАТО ќе кренат раце од Македонија доколку не помине капитулантскиот договор на Заев.

Македонија била и ќе остане партнер и на НАТО и на ЕУ. Тоа сме го докажале и ќе продолжиме да го докажуваме. Референдумот ќе биде успешен само доколку излезат најмалку половина од вкупниот број на гласачи. Тоа што вие не би сакале да гласате против ЕУ и НАТО не значи дека немате став и не сте против срамниот договор на Заев“ – рече меѓудругото Јанушев.