Тајните операции, приватни детективи и местенки испливаа на површина десетина дена пред инаугурацијата на Доналд Трамп со објавување на „експлозивни“, но непотврдени наводи дека руските служби поседуваат компромитирачки материјали за новоизбраниот претседател на САД.
Иако во Вашингтон уште летото се шушкаше за „некои“ доверливи материјали, меѓу останатото за перверзни односи на Трамп со проститутки во московски хотел и предлози за вносни работи во Русија, тие во фокусот на американската јавност и политика доспеаја оваа недела, затоа што минатата му биле претставени на Трамп и на претседателот во заминување на САД, Барак Обама.
„Последиците не можат да се пресметаат и ќе бидат во игра многу после инаугурацијата“, наведува Њујорк тајмс, по повод досието за врската на Трамп и Русија кое го составил поранешен британски разузнувачки агент.
Покрај непристојните детали за случувањата во собата во луксузниот хотел во Москва и понудата на Русите за деловни договори, практично во облик на поткуп, за Трамп се неповолни и се наведува дека неговите луѓе ги координирале со руските служби хакерските напади на Демократската партија и шефот на изборниот штаб на кандидатот Хилари Клинтон.
Трамп ги отфрли наводите како „измислица“ во стил на валкана кампања на нацисти која ја направиле „болни луѓе“, но случајот понатаму го поткопа неговиот однос со разузнавачките служби и фрли сенка на претстојната администрација во Вашингтон.
Директорот на американските разузнавачки служби, Џејмс Клапер, вчера го осуди протекувањето на информации во медиумите и рече дека разузнавачките служби „не донеле ниту еден заклучок дека информациите во документите се веродостојни“, но назначи дека ги проследиле до официјалните лица за да добијат „потполна можна слика за прашањата кои можат да влијаат на националната безбедност“.
Многу делови од приказната не можат да се проверат – во основа колку е наведеното во досието воопшто вистинито, но дека е можно „да се состават делови во груб наратив што довеле до сегашната криза, вклучувајќи и трајно прашање за врските на Трамп и неговата екипа со Русија“, наведува Њујорк тајмс.
Целата приказна, исто така, дава увид во скриената страна на предизборната кампања со сите приватни детективи кои го бараат најлошото што може да се најде за следниот американски лидер, наведува њујоршкиот весник.
Приказната почнува во септември 2015 година кога богатиот приврзаник на Републиканската партија, кој силно се противел на изборот на Трамп, платил пари за ангажирање на истражувачка фирма од Вашингтон која ја води поранешен новинар од Вол стрит журнал, Глен Симпсон, познат по детално известување, да состави досие за претходните скандали и слабости на милијардерот, изјавило лице запознато со таа работа.
Во суштина, таквите работи се рутински и се состојат во создавање на големи бази на податоци врз основа на познати информации – известувања на медиуми, документи од тужби и други релевантни јавни податоци.
Со месеци фирмата Фјужн ГПС работела на досието на Трамп, но во пролетта, кога стана јасно дека Трамп ќе биде републикански кандидат, богатиот донор на републиканците се повлекол и на негово место дојде приврзаник на Хилари Клинтон.
Во јуни, меѓутоа, фокусот на истрагата се промени откако Вашингтон пост објави дека на Демократскиот национален комитет е извршен хакерски напад, наводно во организација на руските служби, а мистериозната фигура „Гучифер 2.0“ почна да објавува украдени документи.
Симпсон тогаш го ангажираше Кристофер Стил, поранешен британски шпион кој работел како таен агент во Москва во 90-тите години, а подоцна беше експерт за Русија во лондонското седиште на разузнавачката служба МИ6.
Кога се повлече во 2009 година, основаше приватна разузнавачка компанија „Орбис бизнис интелиџенс“.
Поранешниот новинар и поранешниот шпион имаа подеднакво лошо мислење за рускиот претседател Владимир Путин и за тактиките кои тој и неговите разузнавачки агенти ги користеа за „валкање на имоџот, уценување и подмитување на нивните цели“, наведува њујоршкиот весник.
Како поранешен шпион, Стил не можеше да патува во Москва, но најми луѓе во Русија и ги искористи своите поранешни врски во таа земја.
Стил своите сознанија ги проследи низ неколку пораки, секоја на по неколку страни, на компанијата Фјужн ГПС во јуни, но продолжи да работи се до декември.
До тогаш изборите веќе беа завршени, но Стил и Симпсон, иако повеќе не беа платени за тоа, продолжија да работат на тоа што сметаа дека е важно.
Пораките опишуваат две различни руски операции.
Едната е повеќегодишна работа на изнаоѓање на начини да се влијае на Трамп, можеби затоа што имал контакти со руски олигарси на кои Путин сакал да се внимава, наведува Њујорк тајмс.
Според пораките на Стил, била користена позната тактика – собирање на компромитирачки материјал како наводните снимки на Трамп со проститутки во московски хотел и предлог за бизнис договори кои би биле привлечни за Трамп.
Целта веројатно никогаш не била Трамп да биде руски агент туку, пред се, да биде извор кој би можел да дава информации за своите контакти во Русија.
Но, ако Путин и неговите агенти сакале да го вовлечат Трамп во бизнис договори, тоа не го направиле многу успешно, наведува весникот, додавајќи дека Трамп рекол дека нема значајна сопственост во Русија, иако еден од неговите синови во 2008 година рекол дека од Русија „му течат“ многу пари.
Другата операција е понова – станува збор за низа контакти со претставници на Трамп во текот на кампањата, меѓу останатото за да се разговара за хакерски напади на демократскиот национален комитет и шефот на кампањата на Хилари Клинтон, Џон Подести.
Според изворите на Стил, кон крајот на летото во Прага се сретнале адвокатот на Трамп, Мајкл Коен и Олег Солодухин, кој работи за Росотрудничество, организација која ги промовира руските интереси во странство.
Според сите наводи, Стил има одлична репутација кај американските и британските разузнавачи и тој веќе има работено за ФБИ во истрагата за корупција во ФИФА.
Но, за поголемиот дел од тоа што тој го проследи до Фјужн ГПС, многу е тешко да се провери, а некои од неговите тврдења се проблематични, наведува весникот, додавајќи дека Коен рекол дека никогаш не бил во Прага, додека
Солодухин негирал дека некогаш се сретнал со Коен или со кој било што е поврзан со Трамп.
Наводите од досието во летото лани почнаа да се вртат низ Вашингтон.
Рик Висон, републикански оперативец којшто работел за организацијата која ја поддршуваше кандидатурата на Марк Руби, вели дека за извештајот слушал во јуни, кога новинар од една поголема издавачка куќа го повикал да го праша што знае за тоа.
До почетокот на есента, пораките на Стил биле дадени во ФБИ која веќе ги истражувала врските на Трамп со Русија.
Официјален претставник од МИ6 рекол дека кон крајот на летото или на почетокот на есента Стил ги проследил извештаите за Трамп и до британската разузнавачка служба.
Стил бил загрижен поради тоа што го слушнал за Трамп и сметал дека тие информации не треба да ги имаат само луѓето вмешани во изборите.
После изборите, тоа досие стана една од најлошо чуваните тајни во Вашингтон, затоа што низ новинари работеле на тоа да добијат потврда за наводите во него.
Наводите за досието стигнале и до републиканскиот сенатор Џон Мекејн кој, според наводите на Гардијан, до примерок од извештајот стигнал во декември преку свој соработник кој за таа цел заминал на тајно службено патување во Лондон.
Мекејн своите сознанија ги проследил директно до директорот на ФБИ, Џејмс Клапер.
„Изненадувачки за Вашингтон е тоа што, многу новинари кои работат за конкурентни медиуми ги имале пораките на Стил, за перверзиите и опасните информации, но не ги објавиле, затоа што нивната содржина не можела да се потврди“, наведува Њујорк тајмс и додава дека се се сменило кога разузнувачките служби тие наводи им ги претставиле на Обама и на Трамп, заедно со извештаите за руските хакерски напади.
Москва се надева дека Путин и Трамп добро ќе се сложуваат
Официјална Москва очекува дека рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп добро ќе се сложуваат, соопшти Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека Русија и САД можат да ја надминат моментната дипломатска криза откако новиот американски претседател ќе ја превземе должноста на 20 јануари.
Песков повторно ги отфрли наводите на американските безбедносни служби дека Русија стои зад хакирањето на демократите за време на претседателската кампања во САД.
Доналд Трамп, пак, изјави дека, ако добро би се сложувал со Путин, тоа би била предност, а не хендикеп, но призна дека не е загарантирано дека тие двајца ќе бидат сојузници.