Ќучук: Бугарија треба да ја ревидира позицијата кон Северна Македонија

LinkSense.mk

Софија треба да ја ревидира позицијата кон Скопје, смета бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Според него, евроинтеграцијата на Северна Македонија и другите балкански земји може само да придонесе Бугарија и целиот регион да се чувствуваат посигурни, особено во ситуација на воен конфликт на европскиот континент.

– Стратешки интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји кои можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето кои сакаат Северна Македонија да не биде дел од Европската Унија. Политиките треба да се градат на малку подолг временски период. И ако погледнеме низ оваа призма на односите меѓу Софија и Скопје, ми се чини дека ќе најдеме многу посериозни аргументи Република Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, истакнува Ќучук.

Многу е тешко, посочува бугарскиот европратеник, да им се објасни на европски партнери кои се причините за запирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, особено откако од Бугарија произлезе идејата за нејзино проширување кон Западен Балкан.

За известувачот на Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, европските гаранции се единственото решение за отворените прашања, пренесува БНР.

 

МИА