Џафери очекува Иванов да го даде мандатот на Заев

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорот на Република Словенија во Македонија, Милан Јазбец, со кого разговарале за заедничката соработка.

Амбасадорот Јазбец на почетокот од средбата на Џафери му врачил официјална честитка од претседателот на словенечкиот парламент на изборот на функцијата претседател на Собранието и изрази искрени очекувања дека досегашните високо развиени билатерални односи меѓу Македонија и Словенија ќе продолжат.

Џафери, заблагодарувајќи се на честитката, изразил уверување дека билатералните односи ќе продолжат во нагорна линија и тоа на сите полиња.

„Осврнувајќи се на немилите настани од 27 април и на актуелната состојба, претседателот Џафери истакна дека тој лично ќе се заложи за враќање на институционалниот интегритет на Собранието и на јакнење на довербата на граѓаните во оваа институција. Тој очекува претседателот на државата да ја исполни својата уставна обврска и да го даде мандатот на носителот на парламентарното мнозинство, со што ќе се отворат процесите за конституирање на собраниските тела, а со тоа и формирање на новата влада. После тоа, приоритет ќе бидат измените на Изборниот законик и продолжување на мандатот на сегашната локална самоуправа, до есента кога, се надева, ќе се одржат локални избори“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Јазбец подвлекол дека повеќедецениските односи на разбирање и пријателство помеѓу двете држави и блиските релации меѓу нашите граѓани, претставуваат голем капитал и инвестиција во иднината.

Словенија, посочил тој, и понатаму ќе ја дава својата јасна и силна поддршка на Република Македонија во процесите на евроатлантското интегрирање.

Паралелно, ќе продолжат да се негуваат и развиваат парламентарната соработка и парламентарната дипломатија, како и економските и културните односи.

На крајот од средбата Талат Џафери најавил дека тој лично ќе го покани својот колега, претседателот на словенечкиот парламент да дојде во официјална посета на Република Македонија со што, рекол, ќе се даде значаен импулс, како во развојот на билатералните односи, така и во регионален и европски контекст.