Џонсон со уцени се спасува од смена!?

LinkSense.mk

Висок конзервативен пратеник ја обвини британската влада за заплашување и обид за „уцена“ на пратениците кои сакаат да го соборат премиерот Борис Џонсон.

Откако во 2019 година победи на изборите со најимпресивната победа во повеќе од 30 години за да го спроведе Брегзит, Џонсон е на работ на гласање за недоверба после лутите реакции од неговите конзервативци поради тврдењата дека во премиерската резиденција се одржувале забави во време на строго затворање за другите граѓани.

Некои помлади пратеници од конзервативците на Џонсон покренаа постапка за негово сменување, но вистинска бура предизвика еден од пратениците со најдолг стаж кога во парламентот му рече на премиерот „Побогу, тргни се“.

За да се активира гласање за недоверба на Џонсон, потребна е поддршка од 54 пратеници. Џонсон (57) вети дека ќе продолжи да се бори и порача дека тој ќе ја води Конзервативната партија на следните избори. Но, Вилијам Враг, претседателот на парламентарната Комисија за јавна администрација и уставни прашања, која ги надгледува уставните норми, ја обвини владата за уцена.

Во последните денови, многу членови на парламентот беа под притисок, трпат заплашувања од владата затоа што се изјаснија или се претпоставува дека сакаат да напишат писма за недоверба на премиерот“, рече Враг. „Покрај тоа, извештаите за кои дознав звучат како уцена. Затоа, мојот совет до колегите би бил да го пријават ова до претседателот на Долниот дом и (лондонската) полицијата“.

Како одговор на ваквото обвинување, Џонсон за електронските медиуми изјави „дека не видел никакви докази, не слушнал никакви докази што би ги потврдиле таквите наводи“. Кристијан Вејкфорд, пратеник од партијата на Џонсон, кој пребегна во Лабуристичката партија во средата, рече дека владата се заканила дека ќе ги скрати парите за ново училиште во неговата изборна единица ако одбие да гласа по партиска линија.

Ми се заканија дека нема да добијам училиште за Редклиф ако не гласам“, изјави Вејкфорд за Би-Би-Си и објасни:

Тоа место нема средно школо во последите десет години. Како би требало човек да се чувствува кога ќе му кажат дека нема да има обнова на училиштето заради еден глас. Не се чуствуваш убаво, сигурно.

Гневот во партијата расте, но сеуште не е постигнат прагот потребен за изгласување недоверба, и неколку конзервативни пратеници сакаат да ги почекаат да се заврши истрага за кршењето на мерките во локдаунот, која ја води високата функционерка Сју Греј.

Уредникот на политичката редакција на ИТВ рече дека Греј пронашла мејл од висок функционер од кабинетот на Џонсон во кој предупредува дека приватната забава на 20 мај 2020 година не треба да се одржи. Џонсон призна дека тој ден бил кратко време на забавата, на која поканетите дошле со покани „да си го донесат алкохолот“.

Минатата недела Џонсон му се извини на Парламентот за присуството на забава во градината на неговата резиденција на Даунинг Стрит“, на 20 мај, за време на строгиот карантин, и рече дека мислел оти тоа бил работен настан. Враг во четвртокот ја спомна работата на владините дисциплинатори, а станува збор за луѓе кои се грижат за тоа конзервативните пратеници да ја поддржуваат владината политика и да не отстапуваат.

Се разбира, должност на владините дисциплинатори е да обезбедат владина политика во Долниот дом“, рече тој. Меѓутоа, во нивниот кодекс не е заканата дека ќе ги повлечат инвестициите за кои се залагаат членовите на парламентот во изборните единици за проекти кои се финансираат со јавни пари.“

Дисциплинатор е термин кој потекнува од ловот на лисици од 1742 година, а станува збор за пракса за прибегнување кон закани, а понекогаш и нудење унапредување за да се убедат пратениците да ја поддржат партиската линија.

Меѓутоа, и дисциплинците мораат да постапуваат по некои прописи и не смеат да ја преминуваат границата, на пример „не смеат да ги попречуваат членовите во извршувањето на нивните задачи или да ги заплашуваат во нивната работа со закани“, објасни претседателот на Собранието.