Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера предупреди на „двојните стандарди“ на западните земји, кои, повикувајќи се на меѓународното право, брзо воведоа санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, но не и врз Израел за неговите „злосторства“ на палестинските територии.
Палестинската управа на Абас не ја осуди неодамнешната инвазија на Русија, членка на Квартетот за Блискиот Исток и земја која официјално ја признава Палестина како држава, против Украина, за разлика од САД и повеќето европски земји.
Таквата воздржаност ги налути западните дипломати во Ерусалим и на палестинските територии. Така, многу западни дипломатски извори, кои сакаа да останат анонимни, изјавија за АФП дека побарале од Палестинската управа – која главно е финансирана од Европската унија – да ја осуди инвазијата над Украина.
На прес-конференција која ја одржа вчера со американскиот државен секретар Антони Блинкен, палестинскиот претседател, кој го прослави својот 87-ми роденден во саботата, ги критикуваше „двојните аршини“ на Западот во врска со Украина и со палестинските територии.
Амнести Интернешенел, Хјуман рајтс воч и израелската невладина организација Б’Тселем го обвинуваат Израел дека спроведува „апартхејд“ над Палестинците.
„Актуелните настани во Европа јасно покажаа дека се применуваат двојни стандарди“, рече Абас.
„И покрај злосторствата на израелската окупација кои можат да се споредат со етничко чистење и расна дискриминација, а кои ги призаа меѓународните организации за човекови права(…), не наоѓаме никој да бара одговорност од Израел која се однесува како држава која е над законот“.
„Тоа што се случува во Палестина не може да се толерира, меѓународното право не може да се гази, и се прашуваме дали надмоќта на израелската окупаторска власт над палестинскиот народ, понижувањето на неговото достоинство и неговите легитимни права ќе продолжи, без ништо да се преземе за да се стави крај на тоа“, додаде Абас на арапски.
(Фото: АФП)