Премиерот Зоран Заев имаше тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој на заедничка прес-конференција го соопшти јавно ставот дека Австрија ја поддржува Македонија за отворање претпристапни преговори со ЕУ.
Курц верува дека претседателот Емануел Макрон ќе донесе проевропска одлука и дека се надева на позитивна одлука од Франција, за да не дојде, како што рече, до застој на регионот.
„Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори“, рече канцеларот Курц.
Австрискиот канцелар најавил дека Австрија ќе направи сè што може, ЕУ Советот да донесе позитивна одлука за Македонија. Канцеларот Курц исто така ги повика граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум во нашата земја да го поддржат договорот со Грција.
„Ова е доказ повеќе дека Македонија, во Австрија, има вистински, голем и искрен пријател. Важно е охрабрувањето што го слушнавме денес од Вас како прв човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека вашата држава поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ“, рече Заев.
На новинарско прашање околу ставот на Франција за добивањето датум за почеток на преговори со Македонија Заев истакна дека верува дека претседателот Макрон ќе донесе одлука за продолжување на мотивацијата.
Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули годинава.







