На азиските пазари во петокот, цените на акциите паднаа, како и на Волстрит претходниот ден, бидејќи инвеститорите не се наклонети на ризик пред извештајот за работните места во САД, што може да има значително влијание врз насоката на пазарот.
Индексот на МСЦИ (MSCI) на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше намален за 0,85 отсто околу 7.00 часот, по тридневен раст.
Притоа, на токиската берза индексот Никеи (Nikkei) ослабна за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија и Хонг Конг паднаа меѓу 0,5 и 1,1 отсто. Во Јужна Кореја маргинално се зголемија, додека во Шангај поради празници се уште не се работи.
По тридневен раст, азиските берзи утрово паднаа, следејќи ја насоката на американските берзански индекси. На Волстрит, Дау Џонс (Dow Jones) вчера загуби 1,15 отсто, додека СиП 500 (S&P 500) се лизна за 1,02 отсто, а Насдак (Nasdaq) индексот 0,68 отсто.
По силниот скок на почетокот на неделата, овие индекси паднаа втор ден по ред бидејќи инвеститорите не сакаат да преземат поголем ризик пред американскиот извештај за работните места што треба да излезе во петок, а кој би можел да има значително влијание врз насоката на пазарот.
Аналитичарите, во анкетата на Ројтерс, проценуваат дека бројот на вработени се зголемил за 250.000 во септември.
Поголемиот раст на вработеноста може лошо да влијае на акциите, бидејќи тоа би значело дека пазарот на трудот останува силен и ФЕД може да продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки.
Послабиот раст на вработеноста би значел, пак, спротивното – дека пазарот на труд слабее. А, тоа би можело да ги ослаби инфлациските притисоци, што, пак, би можело да ја натера ФЕД да го забави темпото на зголемување на цената на парите.
На почетокот на неделата цените на акциите нагло пораснаа токму поради тоа што на пазарот преовладуваше мислењето дека ФЕД може да го забави темпото на зголемување на каматите.
(Фото: ЕПА)







