„Алкалоид АД Скопје“ денес и официјално предаде во употреба три инвестициски проекта, Погон за производство на полу-цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории), Централна Вагална 2 и Одделение за пакување на цврсти фармацевтски форми. Новите производни одделенија се простираат на површина од 1000 м2, а нивната вредност изнесува над 2,5 милиони евра. При изведбата на овие проекти имплементирани се најсовремените стандарди за Добра Производна Пракса (GMP), информираат од компанијата.
„Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции. Хуманата програмско производна определба насочена првенствено кон крајните корисници е начелото според кое се водиме и ќе продолжиме да се водиме во секојдневните операции, при тоа строго внимавајќи на кредибилитетот и професионалниот пристап кои ги практикуваме и спроведуваме во севкупното нашето работење“, истакна генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов на пуштањето во работа на трите погони.
Погонот за производство на полу-цврсти фармацевтски форми зафаќа површина од 460м2 чисти простори во кои се одвива комплетниот процес на вагање на суровините, подготовка на полупроизводи како и дозирање и пакување на готови производи.
Вкупната вредност на овој зафат изнесува околу 1,4 милиони евра, а вредноста на инсталираните хомогенизатори со кои се обезбедува подготовка на сите типови на полуцврсти фармацевтски форми изнесува близу 400.000 евра.
Централна Вагална 2 се простира на површина од 240 м2 и во неа се инвестирани 600.000 евра за опрема и капацитети за контролирање, мониторирање и менаџирање на процесот на мерење на активните и помошните супстанци кои влегуваат во составот на цврстите фармацевтски форми.
Одделението за пакување на цврсти форми, пзк, зафаќа површина од 300 м2 на кои се инсталирани две производни линии, линија за блистер пакување и линија за стрип пакување. Вредноста на овој проект изнесува 500,000 евра.
Следењето на светските трендови во фармацијата и производство на ценовно достапни, квалитетни, ефикасни и безбедни лекови кај кои заштитниот знак на „Алкалоид АД“ е синомим за високото ниво на квалитет и сигурност, се принципите кои се цврсто втемелени во корпоративната политика на компанијата. Доследно придржувајќи се до годишниот план за капитални вложувања за 2017 година (CAPEX), компанијата успешно ги реализира планираните инвестициски активности во нови производни капацитети во рамки на профитниот центар Фармација.








