Централната американска воена команда (Центком) објави дека нејзините сили денеска убиле високо позициониран водач на џихадистичката Исламска држава, вклучен во „планирани терористички напади на Блискиот Исток и во Европа“.
„Центком“ објави дека извршил хеликоптерски напад на подрачјето на северна Сирија, кој најверојатно резултирал со смрт на водачот на Исламска држава. Убиени се уште две вооружени лица, се вели во соопштението.
Во нападот, според Центком, кој не го открива идентитетот на командантот и на двајцата убиени, не се повредени ниту американски војници, ниту цивили, а не се оштетени ниту американските хеликоптери.

Турската група во регионот Суеида, каде што се случи нападот, тврди дека двајца нејзини борци биле убиени, пренесува агенцијата АФП.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Велика Британија, која во своите извештаи се потпира на голема мрежа на извори во регионот, објави вест за „жестоки судири за време на нападот со два проектила што погодија зграда во која се наоѓаше припадник на Исламска држава“.
Исламска држава ја презеде одговорноста за серијата смртоносни напади во Европа во време кога беше силна, кога контролираше големи делови од Сирија и Ирак, каде што прогласи свој „калифат“ и сееше терор.
Во октомври 2019 година, Америка објави дека го убиле командантот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, во операција во северозападна Сирија, потсетува АФП.
Двајца негови наследници исто така беа убиени: првиот во февруари 2022 година во северозападна Сирија, а вториот во ноември истата година во провинцијата Деара на југ.
И покрај територијалниот пораз, Исламска држава редовно ги продолжува своите напади во Сирија, па така вчера уби 14 собирачи на тартуфи.
Војната во Сирија, која започна како серија продемократски протести против режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, однесе половина милион човечки животи, ја уништи инфраструктурата во земјата која милиони луѓе ја напуштија бегајќи од војната, а уште милиони се раселени во неа.
(Фото: Бакр Алкасем / АФП)







