Има околу педесет проценти шанси дека 2023 година ќе биде најтоплата година досега, а се очекува дека 2024 ќе биде уште полоша, предвидоа во понеделникот научниците од американската влада.
„Досега, 2023 година е трета најтопла некогаш забележана година“, рече Сара Капник, главен научник на американската Агенција за океански и атмосферски надгледувања.
„А, веројатноста дека ќе стане најжешка е речиси 50 проценти“, додаде таа.
Покрај глобалното затоплување, за тоа придонесува и цикличниот феномен „Ел Нињо“, синоним за дополнително глобално затоплување, кој ја загрева површината на океаните.
Треба да трае и по следната зима, прогнозираат експертите.
„Најсилното влијание на ‘Ел Нињо’ ќе се случи во 2024 година“, изјави климатологот на НАСА, Гевин Шмит.
„Затоа, очекуваме не само дека 2023 година ќе биде исклучително жешка, а можеби и рекордна, туку и дека 2024 година ќе биде уште пожешка“, истакна Шмит
И двајцата зборуваа на конференцијата за новинари посветена на анализата на глобалните температури забележани минатиот месец, за кој американската агенција потврди дека беше рекорден месец.
Јули 2023 година беше најтоплиот месец досега забележан на земјата, потврди минатата недела и Европската служба „Коперникус“.
„Важно е да се запамети дека оваа година ќе биде кул во споредба со средината на векот, ако продолжиме да ја загреваме нашата планета со емисија на стакленички гасови“, рече Сарах Капник.
Површинската температура на океаните ги вознемирува научниците: четврти месец по ред достигна рекорд, според Агенција за океански и атмосферски надгледувања.
„Повеќе од 40 отсто од океанот моментално е под морски топлотен бран“, предупреди Капник.
Тоа има потенцијално катастрофални последици за видовите што живеат таму, особено за коралите.
„Мајката природа ни испраќа порака, а таа порака е: подобро да дејствуваме сега, пред да биде предоцна да ја спасиме нашата клима, или, со други зборови, да ја спасиме нашата планета“, рече шефот на НАСА, Бил Нелсон.
(Фото: ЕПА-ЕФЕ / Масимо Перкоси)







