Информациите дека Џо Бајден ќе го „прескокне“ важниот Самит за климата на Обединетите нации што во четврток се одржува во Дубаи, отвора прашања за можните причини поради кои американскиот претседател нема да се појави на состанокот на кој ќе присуствуваат лидерите на околу 200 земји, Кралот Чарлс Трети, па и папата Фрањо.
Имено, ако нешто би можело да стане наследство на Бајден, тогаш е тоа промоцијата на амбициозна климатска агенда, која ја спакува во еден од најамбициозните американски фискални акти на сите времиња, акт со несоодветно име – Закон за намалување на инфлацијата (Inflation Reduction Act).
Со оглед на тоа дека е јасно оти американските или европските големи зелени планови немаат смисла без планетарна климатска спогодба, би било логично да се очекува дека за Бајден глобалното модерирање на договорот за климатската агенда е приоритет бр. 1 затоа што, во спротивно, е нејасно зошто преку споменатиот Закон има намера да потроши 738 милијарди долари.
Што се случува, зошто Бајден не патува во Дубаи?
Која било од можните причини зошто првиот човек на најсилната економија нема да дојде на една од најважните климатски средби за него не е политички поволна.
Официјалното образложение од Белата куќа е дека претседателот во последните недели е премногу зафатен со војната меѓу Израел и Хамас затоа што се посвети на креирање на договор за прекин на огнот заради ослободување на заложниците.
„Имаат војна на Блискиот Исток и војна во Украина, еден куп работи што се случуваат“, рече минатата недела Џон Кери, специјалниот пратеник на Бајден за климатски промени.
Кери и неговиот тим ќе бидат во Дубаи. Меѓутоа…
Три проблеми се поврзани со официјалното американско објаснување.
Прво, образложението изгледа чудно затоа што Соединетите Американски Држави имаат доволно дипломати, високи офицери на ЦИА и генерали кои на себе можат да преземат голем дел од оперативните работи поврзани за притисок врз Израел и Хамас додека Бајден патува на важен самит.
Второ, овој самит (кој уште се нарекува COP28) трае две недели, така што временскиот простор во кој американскиот претседател би можел да најде време е прилично широк.
Трето, со оглед на тоа дека САД во Обединетите нации гласаа против резолуцијата насочена кон хуманитарно примирје меѓу Израел и Хамас, многу е непријатно за американската дипломатија да се каже дека сега американскиот претседател нема доволно време за ништо друго затоа што мора да се занимава со организација на хуманитарно примирје.
Притоа, треба да се води сметка дека портпаролката на потпретседателката Камала Харис уште минатата недела изјави дека нема никакви планови за Самитот, а пак на почетокот на месецот Бајден изјави дека климатските промени се „ултимативна закана за човештвото“.
Ако, значи, зборуваме за климатските промени како „крајна закана за човештвото“, тогаш би било логично човекот кој шири вакви пораки да стои зад неговите зборови. Досега Бајден присуствуваше на климатските конференции на ОН во Глазгов и во Египет, па дури и јавно се извини затоа што пред него Доналд Трамп ги прекинал климатските договори и ги исмеваше научниците загрижени за климатските промени.
На претстојниот климатски самит во Дубаи ќе дојдат 70.000 луѓе за да се договорат за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови повеќе во однос на температурата од прединдустриското време. Планетата моментално се загреа на 1,2 степени повеќе, па научниците пресметаа дека емисиите треба да се намалат за 43 отсто во периодот до 2030 година.
Се очекува жестока реакција на климатските активисти поради одлуката на Бајден.
Постојат и најмалку три важни причини заради кои администрацијата на Бајден одлучи дека претседателот не треба да патува во Дубаи.
Прво, факт е дека Бајден поради изразените геополитички тензии со горливи епицентри во Украина и Газа, троши многу време и енергија на прашања од меѓународна и национална безбедност, но не е јасно колку Бајден станува лимитиран поради возраста и општата здравствена состојба.Пред неколку дена го прослави својот 81 роденден.Ако му е тешко да оди на најважната климатска средба, односно ако тоа не му е приоритет, тогаш се отвара прашањето што е приоритет?
Второ, американската администрација проценува дека планетата во моментов е многу поблиску до некаква безбедносна катаклизма отколку што се чини, а ако е на маса дури и опцијата за Трета светска војна, тогаш помпезните говори на митинзите за климата се сведуваат на продавање на бесмислени бајки.
Трето, можно е администрациите на големите европски земји, па така и на Америка, да почнале да сфаќаат дека деловите од големите, многу амбициозни зелени планови се засноваат на нови догми или немаат соодветна разработка за спроведување, па може да се покажат како неефективни, а во исто време да предизвикуваат економски штети и следствено на тоа општествени и политички превирања.
Светот треба да се договори за заедничка климатска агенда и покрај спротивставените економски интереси, а се отвараат се повеќе контроверзни прашања за зелените решенија кои до вчера изгледаа здраворазумски.
Дали Бајден ја крена рачната кочница?







