– Партиите од владината коалиција во Германија би освоиле 30 отсто од гласовите ако парламентарни избори се одржат оваа недела, што е најнизок резултат досега, покажуваат резултатите од вчера објавена анкета на РТЛ/нтв.
Социјалдемократите (СПД) на германскиот канцелар Олаф Шолц би освоиле 14 отсто од гласовите, партијата на зелените би освоила 11 отсто, а помалиот коалициски партнер Слободните демократи (ФДП) пет отсто.
Конзервативната опозициска ЦДУ/ЦСУ би добила 30 отсто – колку сите три коалициски партнери заедно.
Според анкетата, екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AфД) е на второ место со 17 отсто, а трета е новата популистичка алијанса Сахра Вагенкнехт со осум отсто.
Анкетата ја спроведе институтот Форса, а беа анкетирани 2.504 граѓани во периодот од 2 до 8 јули.
Извор: МИА
Фото: ЕПА







