Државната комисија за спречување на корупција отвори постапки за злоупотреба на службената положба кај в.д. директорката на Хематологија, Ирена Пановска, за градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
За набавка на возило е отворена постапката против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Антикорупционерите ќе истражуваат дали Вангеловски ја злоупотребил својата положба за лична корист кога набавил „БМВ“ од 40.000 евра.
Се отвори предмет и за истражување на набавките на Клиниката за хематологија и дали в.д. директорката Ирина Пановска Ставридис влијаела врз одлучувањето при набавките на лекови, бидејќи е ќерка на сопственикот на веледрогеријата “Др Пановски”.
Против Рамиз Мерко е отворена постапка за набавката на четири возила во вкупна вредност од 114.000 евра. Ќе се истражува дали Мерко ја злоупотребил својата положба при набавката и потребата од набавка на „ауди А6“ во вредност од 67.000 евра во ситуација кога Општината е задолжена и добива средства од Владата за да ги исплати своите долгови. Антикорупционерите цитираа написи во медиумите каде Мерко дава изјава и вели дека го купил аудито затоа што под чест му е да се вози во „шкода“.







