Битката во ДУИ како што изгледа станува се пожешка. Додека „Огнената група“ бара разрешување на министрите, лидерот на партијата, Али Ахмети, освен тоа што не ги слуша, сега, како што дознава ТВ21, го именувал Бујар Османи за координатор на политичките процеси во Чаир. Тоа подразбира преземање на надлежностите на Изет Меџити, како претседател на огранокот на ДУИ во Чаир. Колку ова значи негово исклучување од партијата останува да видиме.
„Добро би било да го прашате господинот Ахмети за овие политички различности и тенденцијата за замолчување на тие кои мислат различно! Поради тоа што тоа е нестатутарна одлука која не поминала низ партиските органи“, вели за случувањата Изет Меџити во изјава за ТВ21.
Инаку, одлуката на Ахмети за Бујар Османи да биде координатор во Чаир доаѓа по се порастечките тензии во ДУИ, која е поделена во две групи, оние кои се функционери во Владата и кои се поддржани од претседателот Ахмети, како вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од една и таканаречената „огнена група“, предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети, кои ја критикуваат работата на министрите на ДУИ, од друга страна.

„За кого ќе работат замениците министри и директори кои ги именува оваа Влада? Дали на денот на изборите тие ќе работат за ДУИ или за нивниот политички субјект?“
Изет Меџити







