Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:
Дали крајот вака мириса? – овој стих од еден македонски шлагер никако не ми избива од глава, додека ламентирам над судбината на Специјалното јавно обвинителство. Не знам што сакал авторот да каже со него, ама знам дека (најавениот) крај на СЈО не мириса, туку испушта неподнослива реа околу себе.
Да, СЈО беше политички конструкт, резултат на мачните пржински преговори меѓу тогашната власт и тогашната опозиција. Да, беше ад хок тело за кое се знаеше дека во еден одреден момент ќе мора да се трансформира или, едноставно, да прекине да работи. И, да, беше нужност предизвикана, пред сѐ, од состојбата на заробена држава, криминалната власт и речиси неверојатната злоупотреба на позициите на моќта.
Тоа беше тело направено првенствено под меѓународен, но и внатрешен притисок. Резултат беше на наталоженото незадоволство од состојбите во земјата, особено од правосудниот систем, кој работеше по системот: „кадија те тужи, кадија те суди“.
Всушност, од самиот негов почеток се виде дека СЈО е несакано копиле за овдешните политички елити. Иако, наводно, консензуално прифатено во македонскиот законодавен дом, тоа се сретнуваше со низа узурпации, пречки и сопки, првенствено од сите делови на власта (извршната, законодавната и судската).
Сите се сеќаваме на аболицијата на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, потоа на она славно ноќно „Отвори, отвори…“ на Катица Јанева, но и на еден куп бирократски и процедурални, но сепак наметнати пречки, почнувајќи од просторните проблеми, па сѐ до заглавувањето во судските лавиринти.
Крајот, ете, е познат: најголемиот број од осомничените се на слобода или во егзил, а некои од нив сега се и „големи“ жртви. А главната специјална обвинителка Катица Јанева е во притвор. Некој на ова би рекол дека судбината е кучка, иако во овој случај оваа изрека може да се модифицира во констатацијата дека политиката е кучка.
Едноставно, без оглед на наводните гревови на Јанева и на нејзината објективна одговорност, не можеме да се ослободиме од впечатокот дека аферата „Рекет“ е всушност една мошне сериозна политичка операција токму за елиминирање на Специјалното јавно обвинителство.
Ако веќе не е организирана од главните политички партии, таа е реализирана со нивно премолчено одобрување, па дури и со соучесништво. Тука, се разбира, мислам, не само на опозицијата, туку и на власта
Целата колумна на Призма на следниот линк.