Во Сао Теотонио, рурален град во југозападна Португалија, има повеќе индиски и непалски ресторани отколку португалски. Дека ова има смисла ќе сфатите кога ќе дознаете колку јужноазиски работници работат на плантажите со овошје што го хранат регионот.
Непалскиот имигрант Меш Катри (36) бере малини и јагоди во оранжериите во близина на Сао Теотонио, а неговата сопруга Риту (28) го води нивното кафуле наречено „Непали“ во градот. Нивниот седумгодишен син зборува португалски, малку англиски, но не и непалски.
Катри се доселил во Португалија во декември 2012 година, откако претходно престојувал и работел во Белгија.
„Дојдов тука бидејќи во Белгија беше тешко да се добие дозвола за престој. Овде е полесно да се добијат документи“.
Пет години откако дошол во Португалија, добил легален престој, а две години подоцна и португалски пасош.
Додека мигрантите во повеќето други европски земји се соочуваат со намерно комплициран процес на легализација на престојот за да ги обесхрабрат, заради што многумина работат нелегално, во Португалија ситуацијата е обратна.
Имигрантите брзо се интегрираат во економијата и веднаш плаќаат даноци и социјални придонеси.

Додека со години наназад регион Алентехо е тешко погоден од иселувањето на луѓето оти не сакаат да се занимаваат со земјоделство, населението на општината што го опфаќа и Сао Теотонио во изминатата деценија порасна за 13 проценти. Мигрантите кои работат на фармите го вратија животот таму.
Португалија има еден од најотворените имиграциски режими во Европа, заради што бројот на странци за последните пет години двојно се зголемил, делумно заради луѓето од Јужна Азија кои доаѓаат да работат во земјоделството, риболовот и во рестораните.
Доаѓањето на имигранти го поттикнува социјалистичката влада, која е на власт од крајот на 2015 година, но тоа би можело да се промени доколку земјата се сврти надесно по изборите на 10 март оваа година.
Во 2018 година ги имало помалку од половина милион, а минатата година во Португалија се евидентирани еден милион странци, односно секој десетти жител, покажуваат податоците на државната Агенција за интеграција, миграција и азил (АИМА).

Бразилците, кои имаат долги историски врски со земјата, и понатаму се најголемата заедница со речиси 400.000 луѓе, а потоа следат Британците и другите Европејци.
Но, 58.000 Индијци и 40.000 Непалци веќе се побројни од имигрантите од поранешните португалски африкански колонии како што се Ангола и Зеленортските Острови.
„Главната причина зошто расте бројот на имигранти во Португалија е тоа што тие се потребни“, вели Луис Гоес Пинеиро, шеф на АИМА, објаснувајќи дека земјата има најстаро население после Италија.
Далеку од оранжериите околу Сао Теотонио, Луис Карлос Вила, исто така, зависи од странските работници за берба на јаболка во изолираниот агол на североисточна Португалија.
„Немам избор. Имаме постаро населението и нема повеќе земјоделски работници“, изјави тој за АФП.
Шест Индијци работат напорно во неговите овоштарници во Карразеда де Ансијаес.
„Ја сакам Португалија. Парите се добри, работата е добра и иднината е добра. Во Индија нема иднина“, вели Хепи Синг, од Пенџаб.
Вила ги вработува своите странски работници целосно легално, преку агенциите за вработување, и во нив гледа дел од сопствената семејна историја.
„Мојот татко исто така мораше да емигрира (во Франција) за да заработи за живот“, рече тој.
Дури и меѓу најтрадиционалните рибарски заедници во Португалија, како што е Каксинас во близина на Порто, симболот на силното поморско наследство на земјата, половина од екипажите на бродовите се Индонезијци.
Хозе Луис Гомеш, капетан, кој е зад кормилото на семејниот 20-метарскиот брод, трет по ред, после неговиот татко и дедо, се помирил со фактот дека неговите сонародници повеќе не сакаат да ја работат таа напорна работа кога, вели тој, можат подобро да заработат на друго место.
Дваесет и осумгодишниот Сафул Ардани, рибар од индонезискиот остров Јава, го одработува својот четврти 18-месечен договор за Гомеш.
На новинарите им рекол дека „индонезиските рибари кои работат во Португалија немаат никакви проблеми“.
„Растеретени сме од притисоци. Нашите семејства дома не мора да се грижат, затоа што не сме илегалци“.
Од земја на емигранти во 20 век, Португалија од почетокот на 21 век стана имиграциска дестинација.
„Кои и индикатори да погледнете, ова е една од најдарежливите земји во Европа кога станува збор за имиграцијата“, рече Хорхе Малхеирос, експерт за миграција на Универзитетот во Лисабон.

Од 2007 година, Португалија одобрува документи за секој што ќе пријави приход. Во 2018-та, социјалистичката влада го прошири тоа и на оние кои во земјата влегле илегално. Новиот амандман од 2022 година, пак, на странците кои бараат работа им овозможува привремена шестмесечна виза.
„Португалските закони не се совршени, но се подобри отколку во многу земји со регресивна политика“, вели Тимотео Маседо од организацијата „Солидарност за имигрантите“.
„Иако тие закони спречуваат трагедии кои се случуваат прикриумчарење луѓе на друго место и мигрантите не живеат во постојан страв од протерување, тоа не ги спречува некои луѓе да заработуваат од човечката беда“, додава тој.
Властите разбија мрежи на криумчари во регионот Алентехо каде земјоделските работници биле принудени да живеат во неприфатливи услови.
Потпрен на шанкот во своето кафуле во Сао Теотони, Меш Катри признава дека приливот на странци донел нови предизвици.
„Сега има повеќе расизам. Португалците не сакаат кога во една куќа живеат 10 или 15 луѓе кои не зборуваат португалски“, додаде неговата сопруга Риту.
Јулија Дуарте волонтира во добротворна организација близу центарот каде што на околу 20 деца им помага во решевање на домашните задачи, а само едно од нив има португалско име.
По потекло од Алентехо, оваа 78-годишна жена пред да се пензионира работела во Лисабон, а сега се врати во Сао Теотонио.
„Мислев дека ќе можам мирно да уживам во пензионирањето – но, тогаш се случи лавината од мигрантски работници. Многу луѓе и многу гужви, сите бараат работа, сместување… Тогаш сфатив дека тоа се добри луѓе“, рече таа.
Толкава е побарувачката што невладината организација за борба против сиромаштијата „Таип“ го промени својот фокус кон помагање на мигрантите да се интегрираат.
„Пред десет или 15 години не бевме подготвени за ова“, признава нејзината претседателка, Тереза Барадас.
„Тоа е прилично голема работа за заедницата која беше позатворена и не беше навикната на толку големи културни разлики. Но, најголемиот проблем за имигрантите е недостатокот на сместување, особено за семејствата“, додаде таа.
Португалскиот закон дозволува спојување на семејството и „тоа игра голема улога во борбата против предрасудите бидејќи гледате дека вашите соседи се семејство кое има деца и тие одат на училиште заедно со вашите“, рече Барадас.
Пинеиро, шеф на Државната агенција за интеграција, се согласува со ова.
„Обединувањето на семејството е исклучително важно за да се обезбеди целосна интеграција и вдомување на мигрантите, особено во руралните подрачја“, истакнува тој.
Во Лисабон има значително повеќе јужноазијци, доставувачи на храна на велосипеди, отколку порано. За време на петочната молитва, стотици муслимани стојат во ред за да влезат во една од двете џамии во тесните улички на Мурарија, средновековен маорски кварт.
„Централната улица, ‘Руа до Бенформозо’, сега има толку многу бенгалски продавници и ресторани, така што почнаа да ја нарекуваат и ‘Бангладешка’“, вели Јасир Анвар, 43-годишен Пакистанец.
Тој дошол во Португалија во 2010 година, без виза, по краток престој во Данска и Норвешка. Живеел под закана од протерување додека не ги добил потребните документи, благодарение на промената на законот во 2018 година.
Откако го обиколувал градот продавајќи цвеќиња во барови и ресторани, Анвар се вработил кај сопственик на ресторан кој го научил да зборува португалски и како да подготвува португалска храна.
Сега го чека португалското државјанство, кое треба да го добие после пет години легален престој во земјата, и се надева дека еден ден ќе може да ги донесе сопругата и двете деца. „Кога дојдов, немаше ништо за нас.
Но, Португалија стана добра земја за имигрантите и ги пречекува со раширени раце“, рече Анвар, кој сега е волонтер во организацијата „Солидарност за имигрантите“.
„И покрај неодамнешниот пораст на екстремно десничарската партија – Чега, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека имиграцијата во Португалија не се смета за горко прашање и дека, за разлика од остатокот од Европа, реакцијата на миграцијата и понатаму е позитивна“, истакнува Пинеиро.
За Чега, која е основана во 2019 година и која во анкетите добива речиси 20 отсто поддршка од гласачите пред изборите, имиграцијата и е на дури седмото место на листата на нејзините приоритети.
(Фото: Патрисиа Де Мело Мореира / АФП)







