Американскиот претседател, Џозеф Бајден, ја оспори денеска изјавата на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, дека ракетата што падна во Полска, при што загинаа две лица, не е од украинско потекло.
„Тоа не е доказ“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа по враќањето од патувањето во Азија.
Зеленски вчера истакна дека е убеден оти експлозијата не е предизвикана од ракета од Украина.
„Немам дилема, тоа не е наш проектил“, изјави Зеленски за украинските медиуми.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера информираше дека истрагата за падот на ракетата на територијата на Полска е во тек, но дека прелиминарните анализи „сугерираат дека инцидентот најверојатно бил предизвикан од украинска ракета за противвоздушна одбрана“.
Столтенберг на конференцијата за новинари прецизираше дека најверојатно станува збор за проектил „истрелан со цел да се одбрани украинската територија од напади на руски крстосувачки ракети“.
(Фото: АП)