Словенечкиот парламент ја усвои Резолуцијата за националната програма за безбедност на патиштата за следните седум години, која подразбира ограничување на брзината на движење на 30 км/ч на повеќе патни правци, а предвидено е и намалување на дозволената количина на алкохол во крвта на 0,0 промили.
Новите мерки треба да обезбедат до 2030 година на патиштата да не загинат повеќе од 50 луѓе, и во несреќи да нема повеќе од 400 повредени.
Резолуцијата предвидува и развој на инфраструктура за дополнително да се промовира безбедно користење на јавниот превоз, пешачење, возење велосипед и други форми на мобилност.
Воедно, се планира проширување на подрачјето со максимална дозволена брзина од 30 километри на час и зона на умерен сообраќај, особено во близина на училиштата, градинките, на раскрсниците на јавниот патнички сообраќај и населените места.
Резолуцијата, меѓу другото, предвидува заострување на законот за повратниците во сообраќајните прекршоци и можност за подигање на отштетно побарување за предизвикување тешка сообраќајна незгода поради алкохол или дрога од 13.560 на 130.000 евра.







