Со аеродромот „Никола Тесла“ во Белград ќе управува француската корпорација „Ванси ерпортс“ (Vinci Airports), соопшти српската премиерка Ана Брнабиќ. Оваа компанија дала најдобра понуда за концесија. Француската компанија веќе управува со осум аеродроми во светот.
Според Брнабиќ, приходите од концесијата и инвестицијата во наредните 25 години ќе изнесуваат 1,5 милијарди евра и дека по 25 години аеродромот ќе и биде вратен на Србија. „Ванси ерпортс“ понудиле 501 милион евра за концесија за аеродромот на 25 години, со инвестициска обврска од 732 милиони евра. Годишната такса ќе изнесува од 5 до 16 милиони евра. Компанијата „Ванси“ вети дека нема да има отпуштања на вработени и има обврска да не ја зголемува аеродромската такса.







