Германската канцеларка Ангела Меркел во петокот остро го критикуваше апсењето на уште двајца германски државјани во Турција, наведувајќи дека Берлин треба да реагира одлучно и дека може да ги преиспита своите односи со Анкара.
Портпаролката на германската влада претходно изјави дека двајца германски државјани уапсени во Турција „од политички причини“.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу ја отфрли вчера „лутата реакција“ на Берлин за најновите апсења на германски државјани во Турција, пренесува АФП повикувајќи се на локални медиуми.
„Кога ги апсиме поттикнувачите на пучот, Германија се вознемирува, но што треба да правиме? Тоа е исто така турски државјанин, но таа (Германија) прашува зошто апсите наш државјанин?“, изјавил Чавушоглу, а пренесе агенцијата Анадолија.
Според наводите на новинската агенција Доган, двајцата уапсени германски државјани се од турско потекло, а приведени се на аеродромот во Анталија во југоисточна Турција поради сомнение дека имаат врска со неуспешниот обид за воен удар направен минатата година.
„Ако некој е поврзан со пропаднатиот пуч, ако го поддржувал, тогаш зошто ги штитите?“, праша Чавушоглу на прославата на Курбан Бајрам.
Агенцијата АФП потсетува дека со последниов случај вкупниот број германски политички притвореници во Турција порасна на 12.







